24фудбал

Сите зборуваат за Игуаин, а никој не се сеќава на 36-те гола на Џино Росети

Исто голови колку Аргентинецот во една сезона има постигнато и играчот на Торино, Џино Росети кој во далечната сезона 1928/29 растураше на терените ширум Италија.

Италија

Гонсало Игуаин не е единствениот со 36 постигнати голови во една сезона во најдобрата италијанска лиги, ниту пак првиот. Тој примат го држи легендарниот офанзивец на Торино, Џино Росети.

Во далечната сезона 1928/29, последна која носеше името Дивизионе Национале наместо Серија А, Росети успеа на 30 натпревари да постигне дури 36 голови. Тогаш лигата беше поделена на две групи од по 16 тимови, а Торино во Групата А го освои првото место пред Милан и при тоа успеа да постигне дури 115 голови на 30-те натпревари примајќи 31. Торино имаше убедливи победи како 7:1 над Новара, 12:0 над Триестина, 10:0 и 10:1 Ливорно, 7:0 Лењано, 6:1 Алесандрија, 9:1 Прато, 7:0 Аталанта.

За Скудетото играа победниците на двете групи, а Торино се сретна со Болоња. Откако двата тима славеа на домашен терен, Болоња победи во мајсторката и го освои Скудетото. Росети на трите натпревари не ја затресе мрежата на Болоња, но остана најдобар стрелец таа сезона со 36 постигнати голови.

Росети е роден на 7. ноември далечната 1904 година во Специја, а почина на 16. мај 1992. Играше како офанзивец во средниот ред и беше дел од репрезентацијата на Италија која на Олимпијадата во Амстердам 1928 година освои бронза. Во тоа време фудбалскиот турнир на Олимписките игра се сметаше како неофицијално Светско првенство. Росети кариерата ја почна во Специја, а освен Торино настапуваше и за Наполи и Мачерата.