24фудбал

Пелистер поблиску до Првата лига, ја доби првата бараж пресметка против Турново

Пелистер со пресврт со 2-1 славеше против Хоризонт Турново во првиот бараж натпревар за пласман во Првата фудбалска лига.

Македонија

Пелистер е на чекор до пласман во Првата лига откако го доби првиот меч против Хоризонт Турново благодарение на два гола од пенал.

Натпреварот во Ѓорче Петров започна одлично за Турновци, уште во 4. минута Сашко Пандев погоди за водство од 1-0.

По примениот гол Пелистер брзо реагираше, тргна во напад и тоа вроди со плод. Во 23. минута по игра со рака на Димов во сопствениот шеснаесетник, судијата покажа на белата точка за Битолчани. Маркоски беше сигурен реализатор за изедначување на 1-1.

Само неколку минути подоцна, голманот Игески прави прекршок надвор од шеснаесетникот и заработи директен црвен картон. Турново остана со фудбалер помалку. Од овој прекршок се изроди и нов пенал за Пелистер откако по слободниот удар нова игра со рака во казнетиот простор и нова најстрога казна. Благојче Маркоски не греши ниту по втор пат за пресврт и водство од 2-1.

Во натпреварот кој изобилуваше со тензија, Пелистер не успеа дополнително да ја искористи предноста од играч повеќе и да оствари поголема предност.

Дали Пелистер ќе избори пласман во Првата лига или Турново ќе остане ќе дознаеме во сабота кога на истиот терен во Ѓорче Петров се игра реваншот.