24фудбал

Рафа Бенитез за помалку од една година: Од тренер на Реал Мадрид до менаџер на Њукасл во Чемпионшип

Њукасл потврди дека Рафаел Бенитез останува со нив и следната сезона, а пред помалку од една година Шпанецот играше со Реал Мадрид во Лигата на шампионите.

Англија

Од Лига на шампиони со Реал Мадрид до Чемпионшип со Њукасл, вака изгледаше годината за Рафаел Бенитез.

По престојот во Наполи, Рафа Бенитез доби повик од најтрофејниот клуб на светот Реал Мадрид, градот од кој потекнува.


Бенитез го замени Карло Анчелоти и почна да го живее својот сон: „Ова е емоционален ден за мене, многу посебен. Работев напорно за да дојдам до овој успех и да се вратам дома, тоа беше моја цел. Се надевам дека ќе останам долго. Лигата на шампионите, Примера и Купот на Кралот се нашите цели. Мадрид мора да победува на секој натпревар“ - беше првата негова изјава по потписот со Реал Мадрид.

Но само по неколку месеци сонот на Бенитез стана кошмарен. Првиот натпревар (со Валенсија 2-2) на Реал Мадрид во 2016 беше последен за стратегот во кралскиот клуб, Рафа доби отказ.

Не поминаа ни три месеци откако играше со Реал Мадрид во Примера и Лигата на шампионите, Рафаел Бенитез седна на кормилото на Њукасл со надеж дека ќе успее да го спаси од испаѓање.


Њукасл беше прилично заглавен во зоната за испаѓање, Бенитез имаше десет натпревари за да го спаси тимот, но не успеа, ривалот Сандерленд остана, а „Тун армијата“ во следната сезона ќе следи второлигашки фудбал.

По неуспехот Бенитез имаше опција да замине од Њукасл, но Шпанецот одлучи да остане и потпиша три годишен договор со англискиот клуб. Мисијата е јасна, експресно враќање во Премиерлигата.

Бенитез минатата сезона ја почна во Примера, играше против Барселона, Атлетико Мадрид, го водеше Реал во Лигата на шампионите, за помалку од една година ќе треба да игра со тимови како Бартон Албион и Ротерам.