24фудбал

Жорге Мендеш: Од диџеј во ноќни клубови до најдобриот агент во светот на фудбалот

Жорге Мендеш во моментов работи на комплетирање на потписот на Жозе Мурињо со Манчестер јунајтед, тој со години наназад е најдобриот агент во фудбалот, но каков бил патот до оваа титула.

Останато

Името Жорге Мендеш често се споменува кога се случуваат најголемите фудбалски зделки, но кој е тој, како стекнал толку голема моќ?

Жорге Мендеш има 50 години и според многумина е најголемиот фудбалски агент. Дел од неговите клиенти се Жозе Мурињо, Кристијано Роналдо, Анхел Ди Марија, Радамел Фалкао, Хамес Родригез, Давид Де Геа, Диего Коста, Ренато Санчез...

Во својата 20 годишна кариера како агент, португалскиот „преговарач“ договорил трансфери со вкупна вредност од над една милијарда фунти, а патот до она што е денес има интересен почеток.

Мендеш започнал како фудбалер, но надежите дека ќе има некоја професионална кариера спласнале откако бил одбиен од повеќе португалски клубови. Кренал раце од фудбалската кариера уште во своите рани 20. години.

Сфатил дека треба да се занимава со нешто друго за да заработи, почнал со видеотека и изнајмувал филмови. Работел и како диџеј во ноќните клубови. Имал одлично чувство за бизнис, напредувал па успеал да отвори свој бар, а потоа и ноќен клуб во Камиња, северна Португалија.

Неговиот почеток како фудбалски агент се случува во 1996 година, тогаш во бар во Гимараеш го сретнал португалскиот голман Нуњо кој станал неговиот прв клиент. Првата зделка била трансфер на голманот од Виторија Гимараеш во Депортуво Ла Коруња.

Мендеш постојано напредувал успевајќи да привлече млади талентирани фудбалери од Португалија. Негов прв голем трансфер беше преселбата на Хуго Виана од Спортинг Лисабон во Њукасл за околу 12 милиони евра во 2002 година.

Тој бил комплетно посветен на работата и верувал во успех. Често бил присутен во фудбалските училишта и младите тимови во Португалија. Потпишувал договори со млади фудбалери, дел од нив биле и Кристијано Роналдо и Рикардо Кварезма.

Во 2004 година Жозе Мурињо го „откачи“ својот тогашен агент Хозе Баидек и премина кај Жорге Мендеш кој му ја договори преселбата во Челси. Мендеш посредуваше при сите трансфери на фудбалерите од Порто во Челси кои го следеа Мурињо, тоа беа Рикардо Карваљо, Пауло Фереира, Тиаго и Маниче.

Мурињо и Мендеш се неразделни соработници, агентот посредуваше при неговите договори со Интер, Реал Мадрид, враќањето во Челси, а сега и преминот во Манчестер јунајтед. Мурињо во 2010 година рече: „Има само една личност која може да ја добие наградата за најдобар агент на годината, а тоа е Жорге Мендеш“.

Мендеш добро го познаваат и луѓето во Манчестер јунајтед, тој работеше на неколку големи трансфери во овој клуб како што се Кристијано Роналдо, Ди Марија, Андерсон, Нани, Фалкао, Давид Де Геа, а успеа да му го продаде и Бебе на Сер Алекс Фергусон иако „стариот лисец“ подоцна призна дека го немал ниту гледано пред да го купи португалскиот напаѓач кој успеа да дојде до само два настапи во првиот тим на „ѓаволите“.

„Жорге Мендеш е најдобриот агент со кој сум се справувал, без сомнение. Тој е одговорен, се грижи за своите фудбалери и е фер со сите клубови“ - изјави големиот Фергусон за Мендеш и покрај неславниот трансфер со Бебе.

Се очекува Жорге Мендеш да доминира на фудбалската трансфер сцена и ова лето, а таа за него започна со трансферот на Ренато Санчез од Бенфика во Баерн Минхен, на ред е договорот на Жозе Мурињо со Манчестер јунајтед, а потоа останува да видиме.