24фудбал

Ангеловски: Италија е моќна, Албанија остави силен впечаток

Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски беше присутен на дел од натпреварите на Европското првенство на кои играа противниците на Македонија во квалификациите за пласман на СП 2018.

Македонија

Ангеловски беше на дуелите Италија - Белгија и Франција - Албанија и од прва рака се увери во квалитетот на две репрезентации со кои Македонија ќе се сретне во квалификациите.

„Репрезентацијата на Албанија навистина остави силен впечаток во дебитантскиот настап на едно големо натпреварување. Во два, рамноправни натпревари, загубија од Франција и Швајцарија, но немаше да биде незаслужено доколку нашиот прв противник во мундијалските квалификации се избореше за позитивен резултат против фаворитите во групата. Победата против Романија само го потврди нивниот квалитет. Функционираат како целина, максимално дисциплинирани и тактички одлично поставени. Албанија нема екстра ѕвезда во тимот, но јасно се гледа дека колективот е над сѐ и тоа им носи резултат, вели Ангеловски.

„Резултатите на Албанија не треба да не плашат, напротив, треба дополнително да не мотивираат. Наша обврска ќе биде да ги искористиме слабостите на противникот, секој мора да превземе дел од својата одговорност. Имаме одличен амбиент за работа, адреналинот ќе биде на високо ниво, но наше е да се подготвиmе најдобро и да одиграме за македонскиот фудбал“.

„Италија на првите два натпревари беше беспрекорна. Извонредно тактички дисциплинирани, со одлична антиципација за играта на противникот и заслужено победија против белгијците. Италија одново потврди дека се репрезентација за големи натпреварувања. Никогаш не треба да се отпишуваат иако во елиминациската фаза имаат страшно тежок распоред. Натпреварите на Италија секогаш се интересни за анализа, посебно тимот кој го подготвува нивниот скаутинг“.

На крајот селекторот на Македонија даде свој коментар околу атмосферата на првенството и навивачите кои ги бодрат своите репрезентации.

„Вистински фудбалски фестивал. Со многу љубов кон своите држави навивачите ги бодрат своите репрезентации, па дури и кога не играат на посакуваното ниво, како Белгија против Италија. Се надевам дека за македонската држава, македонските навивачи ќе ја бодрат македонската репрезентација, а македонските репрезентативци ќе даваат се од себе кога играат во дресот на Македонија“.