24фудбал

Стартува осминафиналната фаза на Европското првенство

Денеска започнуваат елиминационите средби на Европското првенство во Франција, во трите наредни дена ќе се одиграат осминафиналните натпревари.

ЕУРО 2016
Вистинските возбудувања на Европското првенство започнуваат од денес. Со дуелот Швајцарија - Полска од 15 часот стартува елиминационата фаза. 
 
Од 18 часот се игра островскиот дуел помеѓу Велс и Северна Ирска. Велшаните предводени од Герет Бејл се фаворити во овој дуел, но Северна Ирска покажа дека не смее да се потцени.
 
Шлагот на денот е од 21 часот кога играат Хрватска и Португалија. Хрватите се репрезентацијата која најмногу импресионираше во досегашниот дел од шампионатот и цели далеку на Европското првенство. Португалија со три нерешени средби успеа да се пласира во осминафиналето. Роналдо и другарите разочараа, но јасно е дека оваа селекција поседува квалитет па се очекува неизвесен дуел со Хрватска.
 
Утрешниот ден започнува со Франција и Република Ирска. Ирците бараат одмазда за раката на Тиери Анри која уште ги прогонува од бараж пресметката, но домаќинот е голем фаворит и доколку не победи би било огромно изненадување.
 
Изненадување би било и доколку Германија доживее елиминација против Словачка, а и Белгија е јасен фаворит во дуелот со Унгарија.
 
Најинтересниот натпревар се игра во понеделник, реприза од минатото финале помеѓу Италија и Шпанија. Со прикажаното по средбите од групната фаза се очекува неизвесен дуел. Шпанија има подобра селекција, но Италијаните покажаа карактер, организираност, голема желба за победа, така ќе биде и во понеделник.
 
Осминафиналната фаза се комплетира со дуелот помеѓу Англија и Исланд. Исланѓаните се можеби најсимпатичната селекција на ова Европското првенство, но се чини дека нивниот пат на шампионатот ќе заврши во осминафиналето.