24фудбал

УЕФА дава три милиони евра за Балканска лига и место во ЛШ!

Не само што дава зелено светло за формирање на регионална лига, УЕФА понудила и финансиска помош од три милиони евра и директен пласман на шампионот во Лигата на шампионите.

Останато

Според српскиот весник „Блиц“ УЕФА дала одобрение за создавање на регионална лига која би ја сочинувале екипи од поранешна Југославија, а таа би можела да почне веќе од сезоната 2017/2018.

Формирање на ваква лига е сон на фудбалските фанови од регионот и единствен излез од бледилото на терените кое е застапено во сите држави на поранешна Југославија.

Најважниот предуслов за формирање на регионална лига е остварен, УЕФА ќе застане зад едно вакво натпреварување, но не само тоа, таа ветила и помош од три милиони евра и место во групната фаза од Лигата на шампионите за првопласираниот.

Дополнително ќе треба да биде утврден форматот на натпреварување и бројот на учесници од секоја земја.

Што се однесува до форматот можеби најдобро е да се препише од АБА и СЕХА лигите каде што учесниците од овие натпреварувања подоцна се приклучуваат во домашните првенства, но за такво нешто би требало да се направат и промени во системот на натпреварување во националните лиги.

„Блиц“ пишува дека лигата би била составена од 12 клубови. Србија и Хрватска би имале по три или четири, БиХ два тима, додека по еден би имале Словенија, Црна Гора и Македонија. Сепак ова е само претпоставка на српскиот весник.

Еден од големите проблеми кои секогаш се поставуваат на маса кога се споменува регионалната игра се навивачите. Но јасно е дека со малку повеќе напор и желба овој проблем би можел да се реши.

Ако пишувањата на „Блиц“ бидат точни, во текот на оваа година ќе биде подготвуван теренот за формирање на една регионална фудбалска лига, а од 2017 година би можеле да гледаме вистински фудбал на овие простори.