24фудбал

Милошевски: Летниот камп „Вардар“ е полн погодок

„Интересот за кампот во Охрид е голем. Организацијата на еден ваков камп ќе им овозможи на младите да научат многу од фудбалските вештини“, рече Милошевски.

Македонија

ФК Вардар организира летен камп за деца во Охрид и тоа во две смени. Првата од 7 до 12 август, а втората од 16 до 21 август. Првата смена е наменета за деца од генерациите 2003 и 2004 година, тренери ќе бидат Андон Андовски и Филип Арсовски, а на голманите Слободан Мутибариќ. Втората смена е наменета за деца од генерациите 2005 и 2006 година а тренери на малите фудбалери ќе им бидат Игор Кралевски и Зоран Петковски. Сите тренери кои секојдневно ќе се грижат за децата се со ПРО и А УЕФА лиценци. Сместувањето е во хотел „Дипломат“ и во апартманите Делукс во близина на терените за тренинг, во комплексот „Билјанини извори“. До сега се пријавени околу 300 деца, а нешто повеќе околу кампот низ разговор објаснува координаторот на младинските категории на ФК Вардар Сашо Милошевски.

ФК Вардар органзира летен камп за деца, за генерациите 2003, 2004, 2005 и 2006 година. Минатата година ваков камп имаше во Дојран. Какви беа резултатите од тој камп?

„Минатата година одржавме ваков камп во Дојран, каде што имаше околу 300 деца во Дојран, каде што помина во најдобар ред, беа организирани секојдневни тренинзи по два пати на ден, теоретска настава со децата, едукација на тренерите, се одиграа доста натпревари меѓусебе и од тој камп скаутиравме и одбравме повеќе деца за во нашите младински генерации и истите со успех го носеа нашиот дрес“.

Од социјален аспект, кои се поволностите од летниот камп „Вардар“?

„Децата со овој камп добија можност да се дружат како прво, да запознаат нови другарчиња, да се отргнат од нивното секојдневие од компјутери, социјални мрежи и.т.н, а воедно со кампот со нашите стручни тренери можеа да научат многу нови работи од фудбалската игра кои подоцна ќе им служат во иднина за да станат врвни фудбалери, стандарни играчи на нашиот тим и се разбира идни репрезентативци“.

Какви содржини ќе има овогодишниот камп во Охрид? Што можат да очекуваат малите љубители на фудбалот?

„Овогодишниот камп во Охрид ќе биде организиран на два терени во Билјанини Извори, едниот со вештачка трева, едниот со природна трева. Ќе се тренира двапати дневно предпладне и попладне, а тука ќе има и претставници од Опен Фан Фудбал, кои покрај тренинзи , ќе извршат и едукација на децата. Исто така на кампот ќе присуствуваат и доста познати фудбалски личности од нашата земја. Во вечерните часови ќе се организираат и прошетки низ Охрид и неговата околина, а бројката на дечиња ќе биде поголема. Малите љубители на фудбалот може да очекуваат дека ќе присуствуваат на интересни тренинзи кои ќе бидат доста поразлични од нивните досегашните, и ќе имаат можност да се докажат за понатаму да бидат дел од младинските категории на фудбалскиот клуб Вардар“.

Фудбалската Академија на ФК Вардар е отворена за младите кои отсекогаш сонувале да станат фудбалери. Генерациите родени од 2002 до 2010 година имаат можност да бидат дел од подмладокот на најтрофејниот македонски клуб и еден ден да станат успешни Вардарови првотимци. Ланската сезона го започнавме и проектот „Вардар Јуниор лига“, проект кој има цел да го подигне интересот за фудбалот меѓу младите таленти низ цела Македонија, како да им овозможи на помладите генерации за изучување на тајните на фудбалската игра. 

„Вардар е клуб кој што мисли и на младите генерации, на своите помлаги категории, и затоа им овозможи супер услови со отворањето на Академијата, со организирање на летни кампови, со одржување на Вардар Јуниор Лигата, и со тоа децата и од другите градови можат да бидат дел од нашите единици. Децата ги имаат сите услови да напредуваат, да се надоградуваат со фудбалско знаење, да се дружат со своите врсници. Тие деца очекуваме и посакуваме да станат врвни фудбалери. Младите генерации работат под палката на врвно обучени тренери кои што се посветени на професионалната работа“, вели Милошевски.

Затоа ги повикуваме младите кои имаат желба да бидат дел од шампионот Вардар, да се запишат во Академијата од 10 до 31 август, секој работен ден од 9 до 21 часот. Месечната членарина е 800 денари, а тренинзите започнуваат од 1-ви септември. Најталентираните понатаму ќе добијат можност да бидат дел од професионалните групи на фудбалската академија Вардар.

Телефон за детални информации:  02 3 130 712.