24фудбал

Бразил е олимписки шампион

Бразил слави историски трофеј, за прв пат го освојува златниот олимписки медал откако на Маракана ја совлада Германија по подоброто изведување на пенали.

Останато

Бразил е олимписки шампион во фудбал, Маракана слави историска титула откако на пенали беше совладана Германија.

Ова беше и еден вид на одмазда на Бразилците за тешкиот пораз од Германија на Светското првенство пред две години.

Натпреварот во регуларниот тек заврши нерешено 1-1. Нејмар со прекрасен гол од слободен удар му донесе водство на Бразил, а Мајер го изедначи резултатот на 1-1.

Бразил создаваше поконкретни шанси и ја имаше иницијативата, но немаше голови ниту во продолженијата па пеналите го решаваа победникот.

Стрелците беа перфектни до последната серија кога Петерсен не успеа да реализира, Вевертон го одбрани неговиот удар, а Нејмар со прецизно изведен пенал му донесе голема, историска победа на Бразил.

Со овој триумф Бразил повеќе нема трофеј кој не го освоил.

Бронзениот медал го освои Нигерија која со 3-2 го совлада Хондурас во битката за третото место.