24фудбал

Македонија почнува нов квалификациски циклус

Македонската репрезентација денеска со дуелот во Скадар против Албанија го започнува квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство во Русија 2018.

Македонија
Македонија почнува нов квалификациски циклус, прв противник е селекцијата на Албанија која имаше историска година, настап на Европско првенство.
 
„Ова е почеток на нов квалификациски циклус. Имаме противник кој е во подем. Тие беа учеснници на последното ЕП и тоа е дополнителен мотив да влеземе со максимално залагање и да започнеме со позитивен резултат. Работиме во прекрасна атмосфера и се надевам на многу подобри денови и резултати на македонскиот фудбал почнувајќи од утре. Немаме проблеми со повредени. Подготвени ќе влеземе на мечот“- вели селекторот Игор Ангеловски.
 
Македонија и Албанија имаат осум меѓусебни средби. Нашата репрезентација има позитивен скор, четири победи, три нерешени и само еден пораз. Но во меѓувреме работите се променија, па ние нема да бидеме фаворити во вечерашниот меч.
 
Напаѓачот со најдобра форма од македонските репрезентативци е Иван Тричковски кој верува во позитивен резултат од Скадар.
 
„Не очекува многу тежок натпреавар против селекција која е доволно да се каже дека беше дел од ЕП. Ќе влезат како фаворити, но тоа не значи дека ќе се предадеме, напротив. Ветуваме борба, ангажираност, имаме играчи кои можат да направат разлика. Подготовките ги минуваме на одличен начин, веруваме дека можеме до позитивен резултат“ - вели Тричковски.
 
Целта во овој циклус е да се крене нивото на македонската фудбалска репрезентација кое во изминатиот период дојде до најниски гранки. Групата е тешка, покрај Македонија и Албанија во неа се и фаворитите Италија и Шпанија, квалитетниот Израел и Лихтенштајн.
 
Натпреварот против Албанија започнува од 20:45 часот.