24фудбал

Младите Вардарци дебитираат во Лигата на шампионите

Македонскиот младински шампион, Вардар денеска против Салцбург со почеток од 18 часот го игра својот прв историски натпревар од Лигата на шампионите.

Македонија

Историски ден за клупскиот фудбал во Македонија, младинскиот шампион на нашата земја од оваа сезона почнува да настапува во Лигата на шампионите.

Ваквиот момент се должи на одлуката на УЕФА од оваа сезона да ги вклучи шампионите на сите држави на европско тло, а не само младинските состави на сениорските екипи кои настапуваат во Лигата на шампионите без разлика дали ја освоиле домашната лига.

Салцбург влегува како голем фаворит во дуелите со Вардар, но македонскиот младински шампион сериозно го сфати предизвикот, добро се подготви и се надева на успех.

Еден од адутите ќе биде Петар Петковски кој добива шанса и во сениорскиот тим на Вардар.

„Се приклучив на младинците за да им помогнам во дуелите од Лигата на шампионите. Можеме да ветиме дека ќе дадеме се од себе за Вардар да извади добар резултат од првиот натпревар со Салцбург. Подготвени сме максимално за овој предизвик. Вардар е првиот клуб од Македонија кој што ќе настапува во младинската Лига на шампиони и како младински тим немаме искуство во вакви натпревари. Меѓутоа во нашиот тим има играчи кои што тренираат и играат натпревари во првиот тим меѓу кои сум и јас. Имав можност да играм во сениорската Лига на шампиони против Динамо и лани против АПОЕЛ, и тоа искуство е навистина драгоцено и ќе дадам се од себе да го пренесам и на теренот на утрешниот натпревар. Сите сме оптимисти, се надеваме дека ќе извадиме добар резултат. Нашиот противник игра типичиен австриски фудбал со многу офанзива и со агресивност. Но, имаат и слаби страни кои ќе се обидеме да ги искористиме“, изјави Петар Петковски.

Во успех верува и напаѓачот Јасир Беќири кој вети дека тој и неговите соиграчи ќе го дадат максимумот во двата меча против Салцбург.

„Наше е да дадеме максимум на овој како и на вториот натпревар со Салцбург. Сега мислиме само кон утрешниот меч и како да се претставиме во добро издание. Зошто да не ако ни се пружи шанса и да дојдеме до победата. Свесни сме дека не очекува еден тежок натпревар со квалитетен противник против кој треба да докажеме дека и ние имаме квалитет и дека Салцбург е фаворит само на хартија. Имаме и ние свои адути за добар резултат кои што ќе треба да ги искористиме“, рече Беќири