24фудбал

Манчестер јунајтед го доби градското дерби и продолжува во Лига Купот (ВИДЕО)

Со гол на Хуан Мата Манчестер јунајтед со 1-0 го победи Манчестер Сити и се пласираше во четвртфиналето од Лига купот на Англија, Мурињо подобар од Гвардиола во вториот меѓусебен дуел на англиско тло.

Англија

Жозе Мурињо натпреварот го почна со првиот тим, додека Пеп Гвардиола им даде шанса и на неколку млади играчи.

Манчестер јунајтед доминираше на теренот, вистинските шанси и голот дојдоа во вториот дел.

Најпрво по една одлична акција, Ибрахимовиќ убаво асистираше до Погба кој шутираше од чиста ситуација, но Кабалеро одбрани, а сојузник за Сити беше и стативата.

Но брзо потоа се случи клучниот момент, во 54. минута Мата постигна гол за голема радост на Олд Трафорд, погодок кој се покажа како пресуден.

До крајот на мечот Манчестер јунајтед ја имаше контролата, Сити јалово се обидуваше да изедначи, не создавајќи ниту една сериозна шанса за гол.

Жозе Мурињо со победа над големиот ривал се рехабилитираше од дебаклот на Стемфорд Бриџ, а Пеп Гвардиола веќе шест натпревари по ред не знае за победа, негова најдолга негативна серија во кариерата.