24фудбал

Несторовски пред дуелот со Шпанија: Живееме за вакви натпревари, голема чест е да се брани дресот на Македонија

Илија Несторовски вели дека атмосферата во репрезентација е одлична и се надева дека добрите игри во брзо време ќе донесат и резултати.

Македонија

Македонија во сабота игра нов натпревар во квалификациите за Светското првенство, во четвртото коло и гостуваме на Шпанија.

Македонските фудбалери не разочараа со играта на претходните натпревари, но не освоивме ниту еден бод. Ќе биде тешко тоа да се случи во Гранада, но Несторовски ветува максимум од него и соиграчите.

„Атмосферата во тимот е одлична, сите размислуваме позитивно и со нетрпение чекаме да играме. На сите ни е јасно е дека мораме да бидеме на највисоко ниво, а на натпреварот ќе видиме колку сме подготвени и како сето тоа ќе изгледа. Ќе се обидеме да презентираме игра како на претходните натпревари, тешко е против Шпанија да играш пресинг или да напаѓаш како што тоа го правевме на дуелите со Израел и Италија, но мораме да истраеме и да се обидеме да продолжиме на тој начин“ - вели Несторовски.

„Се чувствувам одлично, живееме за вакви прилики, имаме чест да го браниме македонскиот дрес и мораме да се докажеме. Мислам дека сме на вистински пат, иако ги загубивме првите натпревари. Фудбалот нас нѐ казни против Албанија, Израел и Италија, но повторно ќе бидеме добри, ќе дадеме сѐ од себе“.