24фудбал

Арсенал во најлош момент го освои првото место во групата, Реал и Баерн се потенцијални противници

„Топчиите“ конечно успеаа да завршат како први во својата група но лоши вести за Арсенал е тоа што помеѓу можните противници ги имаат Реал Мадрид и Баерн Минхен

Лига на Шампиони

Клубот од Северен Лондон добро знае какво е значењето на првото место во групата. Вообичаено тоа носи полесен противник во осминафиналето, како и реванш пред своите фанови.

Во изминатите шест сезони, Арсенал дури во пет наврати завршуваше како втор во групата, а ждрепката воопшто не им беше лесна.

Во два наврати ја добија Барселона, исто толку пати играа против Баерн Минхен, и само еднаш добија релативно лесен противник како Монако.

„Топчиите“ ги загубија сите овие дуели, па Арсен Венгер во неколку наврати кажа дека многу е важно оваа сезона тие да завршат како први во групата.

Откако минатиот месец одигра 2-2 пред своите фанови против ПСЖ, се чинеше дека првото место во групата уште една сезона ќе биде само желба.

Сепак, во последното коло Лудогорец приреди големо изненадување, освои голем бод во Париз, па „Топчиите“ се најдоа на врвот во групата.


Но работите не се така сјајни, неколку европски гиганти имаа лош настап, па во вториот шешир има клубови како ПСЖ, Манчестер Сити, Реал Мадрид и Баерн Минхен.

Арсенал не може да го добие ПСЖ со оглед на тоа дека беше со него во група, ниту пак Манчестер Сити бидејќи доаѓаат од иста земја.

Но затоа пак може да се падне со актуелниот шампион Реал Мадрид, или пак стариот добар познаник Баерн Минхен.

Па Арсенал одново ќе треба да се надева на малку среќа во ждрепката во понеделник за и оваа сезона настапот да не го заврши уште во осминафиналето.

Секако, ниту еден противник не е за потценување, но сигурно било кој фан на „Топчиите“ со задоволство би одбрал некој од Беар Леверкузен, Порто, Бенфика и Севиља наместо Реал Мадрид или Баерн Минхен.