24фудбал

Реал Мадрид подготвува 190 милиони евра за три ѕвезди од Премиерлигата

Реал Мадрид планира добро да го одврзе ќесето и да тргне на шопинг во Англија, на листата со желби имаат три големи ѕвезди кои настапуваат во Премиерлигата.

Шпанија

Реал Мадрид игра одлична сезона во Примера, се наоѓа пред Барса и покрај тоа што има два натпревари помалку, но Флорентино Перез сака доминација на долги стази, па и во следниот преоден рок нема да штеди.

Според одредени медиуми од Шпанија и Англија, Реал Мадрид во летниот преоден рок сака да пазарува од Премиерлигата, кралскиот клуб има пикирано три големи ѕвезди, а мисијата ќе проба да ја заврши со 190 милиони евра.

Една од желбите е Кун Агуеро. Доаѓањето на Габриел Жесус го седна Аргентинецот на клупата на Манчестер Сити па силно се шпекулира за негово заминување од Англија иако до пред само неколку месеци беше главен играч во тимот.


Повредата на Жесус ќе го врати Агуеро во првиот тим, но тој веќе знае дека неговото стартно место е загрозено од младиот бразилски играч. „Мирор“ пишува дека Реал Мадрид веќе тргнале по Агуеро. Зидан сака да создаде напаѓачко трио составено од Роналдо, Агуеро и Бејл.

Реал Мадрид во летниот преоден рок ќе купи голман, а прв на листата е Давид Де Геа, чуварот на мрежата на Јунајтед кој постојано се поврзува со шпанскиот гигант. Мисијата ќе биде тешка, Жозе Мурињо нема да сака по ниту една цена да остане без Де Геа. Реал ќе се надева на емоциите, за секој Шпанец сон е да игра за кралскиот клуб, па не е исклучок ниту Де Геа, иако тој вели дека е среќен и во Манчестер јунајтед.


Останувањето на Де Геа во Манчестер јунајтед во голема мера ќе зависи од финишот на сезоната, доколку не успеат да се пласираат во Лигата на шампионите разделбата ќе биде многу веројатна, во спортивно тој би требало да остане на Олд Трафорд.

Доколку не успеат во намерата да го купат Де Геа, резервни опции на Реал Мадрид се Тибо Куртоа и Хуго Лорис.

Последен на листата од трите желби е Месут Озил. Германскиот репрезентативец има пад во формата а тоа се одразува и на игрите на Арсенал кој стравува оваа сезона и да не заврши меѓу најдобрите четири бидејќи конкуренцијата е голема.


Договорот на Озил со Арсенал истекува по крајот на идната сезона, па доколку тој не го продолжи во наредните неколку месеци, сигурно ќе замине во летниот преоден рок со цел клубот да заработи од неговиот трансфер.

„ЕСПН“ инсистира дека Реал Мадрид посакува да го врати Озил на Бернабеу, а и самиот фудбалер е заинтересиран да се оствари една таква зделка.

Мисијата на Реал Мадрид ќе биде тешка и најверојатно нема да може да биде остварена во целост, но барем некој од ова трио би можел од идната сезона да го носи кралскиот дрес.