24фудбал

Арсенал го очекува вистински „ремонт“ по крајот на сезоната, заминуваат Венгер, Озил, Санчез?

По синоќешниот дебакл на Алијанц Арената, Арсен Венгер ништо не го спасува, навивачите се бесни, критичарите и медиумите создаваат уште поголем притисок, се е подготвено за заминување на францускиот стратег во летниот преоден рок.

Англија

Арсенал игра уште една просечна сезона, притисокот врз Венгер беше присутен уште пред мечот со Баерн Минхен, а по понижувањето во Германија тој станува неиздржлив.

Навивачите се револтирани бидејќи Арсенал веќе со години не е конкурентен за големите трофеи и ја бараат „главата“ на Венгер. Многу долго време никој не ги става во кандидатите за титулите во Премиерлигата и Лигата на шампионите, а оваа сезона тешка ќе биде и борбата за останување во топ 4 на табелата, бидејќи конкуренцијата е голема. Место меѓу првите четири е нешто што е речиси загарантиран успех за топчиите, но...

„Ова беше срамота, ова е најниската точка на Арсен Венгер. Изгледаше загубено. Жал ми е за него, треба да биде заштите од самиот себе. 20 години е тука. Беше неверојатен за овој клуб. Но мислам дека време е тој да замине и очекувам да донесе таква одлука. Овој меч беше мажи против момчиња, тие беа поголеми и посилни“ - изјави легендата на Арсенал, Мартин Кион.

Венгер како ретко кога немаше оправдувања за вчерашниот пораз, на пресот по мечот изјави:

„Не барам оправдувања. Направивме се погрешно, петтиот гол го покажа тоа“ - изјави Венгер.

Договорот на Венгер со Арсенал истекува по крајот на сезоната и по последните случувања и огромниот притисок би било чудо доколку потпише нов и остане на кормилото на „топчиите“.

По мечот кулминираа и критиките за Месут Озил. Германецот е непрепознатлив веќе со месеци, а некои и пред натпреварот сметаа дека тој не треба да биде стартер и добива шанса пред другите само поради името.

Озил беше невидлив и на вчерашниот меч, прстот кон него особено се вперува за првиот гол кога не одработе дефанзивно. Можеше да го затвори Робен и да не му даде да шутне, но тој само мирно, мрзеливо го проследи голот.

Договорот на Озил со Арсенал истекува по крајот на идната сезона, преговорите за нов се одолговлекуваат, а по сите случувања и правецот во кој се движи клубот се верува дека и тој ги игра последните натпревари за топчиите.

Понуди за Алексис Санчез пристигнуваат од многу страни, најзагреан е Јувентус, но во комбинација е и ПСЖ. Чилеанецот е гневен на неконкурентноста на Арсенал, а сака и поголема плата од она што му го нуди клубот. Неговата ситуација со договорот е иста како и таа на Озил. Очекувањата се дека нема да го продолжи договорот, а клубот ќе прифати некоја од понудите кои ќе дојдат за него.

На Арсенал му е потребен „рестарт“, нова крв, нов проект, нов менаџер кој ќе направи нов тим, конкурентен за највисоките места, кој ќе може да се бори за титулата во Премиерлигата и да се надева на финале во Лигата на шампионите. Новиот лик на Арсенал ќе почне да се создава по крајот на оваа сезона со која би требало да дојде и крајот на ерата на Арсен Венгер, човекот кој остави огромен белек за клубот, но кој нема веќе што да му даде.