24фудбал

Фалкао е препороден, за две сезони во Англија постигна пет гола, а сега е најдобар стрелец на најефикасниот тим во Европа

По сезоните за заборав кои ги имаше во Манчестер јунајтед и Челси, Радамел Фалкао повторно покажува каков напаѓач е, синоќа имаше свое шоу на Етихад потсетувајќи на своите најдобри денови.

Англија

Со трите голови на Етихад, Монако го презема статусот од Барселона за најефикасен тим во Европа. На 41 меч во сите натпреварувања, францускиот тим има постигнато дури 110 голови, што ги прави тим со најмногу погодоци на Стариот континент.

Во првенството имаат постигнато 76 голови, во Лигата на шампионите и квалификациите 19, а во куп натпреварувањата 15. За еден гол ја престигнаа Барселона која оваа сезона има 109 голови на 40 меча.

Радамел Фалкао е нивниот најдобар стрелец со 23 голови на 28 натпревари. А уште 16 нивни играчи постигнаа барем по еден погодок.

Колумбиецот игра како препороден оваа сезона. Во претходната во дресот на Челси даде само еден гол за цела сезона, а година дена покасно 4 голови на 33 натпревари за Манчестер јунајтед. Сега е на одличен пат да го надмине учинкот од Атлетико Мадрид и Порто.

Првата година во Мадрид даде 36 голови на 52 меча, во втората 34 на 41 натпревар. Во Порто последната сезона заврши со 38 голови на 42 меча. Тоа му беше најдобра сезона во кариерата. Сега му фалат уште 15 голови да го изедначи тој учинок. Во Франција останаа уште десет кола, а Монако игра уште и во финалето од Лига Купот и осминафиналето од Купот на Франција. Па и реваншот со Манчестер Сити. Фалкао најверојатно ќе одигра уште една сезона со над 30 голови, а дали тоа ќе биде неговата најдобра, останува да видиме.