24фудбал

Зидан по ждрепката во Нион: Сега знаеме дека нема топли и ладни топчиња!

Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан иронично одговори на критиките дека „Кралевите“ секогаш имаат лесна ждрепка откако попладнево за противник го добија Баерн Минхен

Лига на Шампиони

Реал Мадрид минатата сезона имаше прилично лесен пат до финалето од Лигата на Шампионите, а среќата им беше сојузник и за ждрепката за осминафиналето кога од вториот шешир ги избегнаа големите имиња и го добија Наполи.

Па фудбалските фанови ширум светот изминативе денови се шегуваа на сметка на „Кралевите“ и прогнозираа „нова местенка“ по која клубот од Сантијаго Бернабеу ќе се падне со Лестер.

Сепак, Реал Мадрид денеска налета на Баерн Минхен, а Зинедин Зидан ова го искористи за иронично да им одговори на критичарите.

„Се смеам кога луѓето ќе споменат топли и ладни топчиња – вели Французинот. „Доста на оваа тема, сега знаеме дека тие не постојат...

За двомечот со Баерн, тренерот на Реал додава: „Тие нема да се плашат од нас ниту пак ние од нив. Натпреварите ќе бидат тешки, Баерн е добар и силен противник. Ќе биде специјален дуел за двата клуба и фудбалските фанови.

„Ќе се сретнам со мојот учител. Му бев асистент на Анчелоти, тој е одличен човек, и сите знаеме што постигна тука.

„Научив многу од него, ќе биде посбен дуел и среќен сум што ќе ги одмерам силите со него.