24фудбал

Суперкупот им создава проблем на македонските екипи кои ќе играат квалификации за ЛШ и ЛЕ

Поради одржувањето на УЕФА Суперкупот, македонските екипи кои ќе играат квалификации за Лигата на шампионите и Лига Европа своите натпревари нема да можат да ги играат на Арената „Филип Втори“ како што беше пракса досега, па ќе се бараат алтернативни решенија.

Македонија

Во договор со УЕФА, последен натпревар кој ќе се одигра на Арената „Филип Втори“ пред Суперкупот на Европа ќе биде квалификацискиот меч за СП 2018 помеѓу Македонија и Шпанија кој е закажан за 11 јуни. По тој датум стадионот ќе биде затворен до 8. август поради последни подготовки и зачувување на теренот за големиот спектакл.

Тоа значи дека македонските екипи кои ќе играат квалификации за Лигата на шампионите и Лига Европа нема да можат да го користат нашиот најголем стадион за своите домашни натпревари.

„Последен натпревар на Арената „Филип Втори“ ќе биде дуелот помеѓу Македонија и Шпанија кој се игра на 11. јуни. После овој датум ќе продолжиме со активности за подобрување на условите за одигрување на Суперкупот, треба да го санираме и да го подготвиме теренот да биде во врвна форма. А од денес до одигрување на Суперкуп натпреварот ќе имаме и благо намалување на одигрувањето на мечевите бидејќи теренот е преоптоварен со изиграни натпревари“ - вели директорот на АД за стопанисување со станбен и деловоен простор, Цветко Грозданов.

Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски вети дека тие ќе направат се за оспособување на неколку други терени за одигрување на натпреварите од квалификациите за ЛЕ и ЛШ.

„Препораките од УЕФА се да нема натпревари на стадионот од 11 јуни па се до одигрувањето на Суперкупот, ние како федерација правиме напори до тој датум да биде готов стадионот на ФФМ кој е во склоп на тренинг центарот „Петар Милошевски“, на тој терен ќе можат да се играат квалификациските натпревари од евро куповите. Исто така правиме напори да ги прилагодиме терените за вакви натпревари во Струмица, Тетово и Прилеп“ - вели претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.

Ова е проблем за македонските клубови, особено Вардар и Шкендија кој знаат на овие натпревари да ја наполнат Арената „Филип Втори“, а сега ќе мора да ги играат своите квалификациски дуели на стадиони со многу помал капацитет.