24фудбал

„Што можам да направам, да одам дома и да плачам?” – Фабрегас за животот на клупата за резерви во Челси

Сеск Фабрегас проговори за борбата за место во првиот тим на Антонио Конте, Шпанецот вели дека на секој тренинг го дава максимумот во обид да го убеди стратегот дека заслужува да игра

Англија

По доаѓањето на Антонио Конте на Стемфорд Бриџ минатото лето, Сеск Фабрегас го изгуби првотимскиот статус.

Шпанецот често е на клупата за резерви и има ограничена минутажа.

Во разговор со БиБиСи, фудбалерот од средниот ред сега објасни како е да се работи со стратегот од Италија.

„Тој е многу поразличен” – вели Сеск Фабрегас, кој во минатото соработуваше со тренери од светска класа како Арсен Венгер, Пеп Гвардиола и Жозе Мурињо.

„Различен од она на кое јас сум навикнат, од она што сум го искусил во кариерата. Има поинаква филозофија и поинаков тип на фудбал”.

„Морав да се прилагодам на неговите барања исто како и другите”.

„Се обидувам да играм добро кога ќе ми се укаже шанса, и да му покажам дека заслужувам поголема минутажа”.

„Се справувам со ситуацијата на начин на кој не верував дека сум способен. Разговарам со него, тој е искрен, ми кажа што бара од мене, причините поради кои не играм”.

„Што можам да направам, да одам дома и да плачам? Не, одите на тренинг, го давате максимумот, најдоброто од вас”.

„Ќе продолжам да го правам тоа се додека тој нема друга опција освен да ме стави во игра”.