24фудбал

Скаутот кој го откри Донарума: Тој отсекогаш беше проблематичен, одеше во Интер на проба, а потпиша за Милан

Човекот кој прв го забележа талентот на Донарума, Џиокондо Марторељи открива дека младиот голман и неговата фамилија и порано биле проблематични, па не е изненаден од потегот да му го сврти грбот на Милан.

Италија

Џиџо Донарума е главна тема во италијанските медиуми откако одби да потпише нов договор со Милан и ќе замине од Сан Сиро, одлука со која ги шокираше и клубот и навивачите.

Но има и такви кои не се изненадени од одлуката на Донарума бидејќи подобро го познаваат младиот голман, таков е човекот кој го откри, скаутот Џиокондо Марторељи.

„Не знам како ќе звучи ова, но јас изгледа бев еден од ретките луѓе кои предвидуваа дека ќе може да се случи“ - вели Марторељи и почна да раскажува за минатото на Донарума.

„Знаејќи повеќе ситуации за него и пред да биде во Милан и откако е таму, не бев изненаден што Донарума не потпиша нов договор. Тоа е проблем кој треба да се бара уште од корените за да се види кој е виновникот за непродолжување на договорот“.

„Знам се за Донарума, неговата фамилија, роднините, секое ќоше од неговиот дом. Има работи кои навистина ме изненадуваат, најмногу тоа што големите весници и телевизии не сакаат ниту да знаат што се крие зад него. Историјата на Донарума е комплексна и ова е финалниот резултат од неговото однесување кое уште од самиот старт е неферско“.

„Не би рекол дека јас го открив него, само имав среќа да се најдам на вистинското место во вистинско време. Тој беше 10 годишно момче и дури и слеп човек ќе ви кажеше дека Донарума е голем талент“.

„Ова дете го видов во Неапол и веднаш го викнав Пјеро Аусилио од Интер. Три и пол години, се до 2013 тој беше негуван од Интер и неколку пати беше на проба таму“.

„Се беше добро до моментот кога требаше да потпише писмен договор со клубот. Тоа попладне постигнавме договор, по четири интензивни години се договоривме со него и неговите родители“.

„Следното утро тој се договорил со Милан без да го запази моментот на фер-плеј. Па не ми беше тешко да претпоставам дека истото може да му го направи и на Милан“.

„Ќе повторам уште еднаш: неговата фамилија во 2013 година потпиша за Интер. Се вратија во Неапол, и следното утро со авион повторно дојдоа во Милано и потпишаа за Милан. Договорот кој го потпишаа 24 часа претходно беше безвреден“.

„Што да кажам повеќе? Шокиран сум бидејќи некои новинари уште не го знаат неговото минато или намерно не сакаат да зборуваат за него“.