24фудбал

Грнчаров и Глигоров едногласни: Можеме да го поминеме Малме

Фудбалерите на Вардар, Бобан Грнчаров и Никола Глигоров се оптимистички расположени по ждрепката, веруваат дека македонскиот шампион може да се надигрува со Малме и да го помине.

Македонија

Вардар го дозна противникот за второто квалификациско коло од Лигата на шампионите, тоа е шведски Малме.

„Мислам дека во Малме добивме противник со кого можеме да се носиме и да бидеме во најмала рака рамноправни. Ова ни е трета година по ред да играме квалификации во Лигата на шампионите, и мислам дека сега е шансата да поминеме понатаму. Добро е што првиот натпревар го играме на гостински терен кај нив, и сметам дека имаме големи шанси. Со нетрпение го очекувавме противникот, и сега откако знаеме кој ни е противник се подготовуваме во Австрија за него. Од денеска па натаму ќе го следиме, ќе го анализираме и ќе знаеме повеќе за нашиот ривал во Лигата на шампионите“, вели капитенот Грнчаров за официјалниот сајт на Вардар.

Слично размислува и Никола Глигоров.

„Добивме противник кој што и го посакувавме и не го посакувавме. Сигурно дека имаше  и посилни противници во ждрепката. Сега сме, така да кажам на „чисто“, го знаеме противникот, ќе имаме можност да го анализираме и да се подготвуваме за него. Играме прво во гости, што на некој начин може, но и не мора да претставува некаква предност. Би било одлично доколку би постигнале гол во гости, кој што многу ќе ни значи потоа за натпреварот дома. Ќе дадеме максимум конечно во оваа сезона да го минеме тоа прво коло.“, изјави Глигоров.