24фудбал

Миленикот на Мурињо пристигнува на Олд Трафорд, но тој бил само трета опција на „Специјалниот“

„Црвените Ѓаволи“ се на добар пат да го ангажираат Немања Матиќ од Челси, но Србинот бил последна опција на Жозе Мурињо за засилување на средниот ред

Англија

Жозе Мурињо во 2014 го врати Немања Матиќ на Стемфорд Бриџ и следната сезона играчот беше клучна алка во тимот кој стигна до титулата во Премиерлигата.

Во сезоната 2015/16, кога „Специјалниот“ доби отказ, Србинот имаше голем пад во формата.

Изминативе 12 месеци, Немања Матиќ пак одигра на врвно ниво под водство на Антонио Конте, но неговите денови на Стемфорд Бриџ се одбројани.

Челси не му понуди нов договор, а Антонио Конте инсистира на ангажман на Тимуе Бакајоко од Монако.

Па Немања Матиќ ќе бара нов клуб и се верува дека Србинот е на чекор до трансфер во Манчестер јунајтед вреден 40 милиони фунти.

И покрај тоа што беше еден од милениците на Жозе Мурињо во Челси, Телеграф вели дека „Специјалниот“ нема да биде премногу среќен од овој трансфер.

Весникот пишува дека Немања Матиќ бил последна опција на Португалецот за засилување на средниот ред.

Прв избор бил Ерик Даер од Тотенхем, а втор Раџа Наинголан од Рома, но „Црвените Ѓаволи“ не бележат прогрес во преговорите ниту за едниот, ниту пак за другиот фудбалер.