24фудбал

Вардар го делат 90 минути до Копенхаген

Вардар денеска со почеток од 18 часот го игра реваншот од второто квалификациско коло во Лигата на шампионите против Малме, натпреварот во Шведска заврши 1:1.

Македонија

Македонскиот шампион со одличен резултат се врати од Малме и има убава шанса да го помине второто квалификациско коло и да закаже дуел со данскиот ФК Копенхаген.

Фудбалерите на Гоце Седлоски имаат уште 90 минути кои мора да ги одиграат максимално фокусирано, да дадат се од себе за да го поминат фаворизираниот противник.

„Тој натпревар во Малме беше само едно полувреме од овој двомеч, сега следува уште едно во кое што влегуваме максимално подготвени и концентрирани, и моите играчи се подготвени уште еднаш да дадат максимум. Сега подобро се познаваме со противникот после мечот во Малме. Верувам дека нашите грешки ќе бидат отстранети и дека ќе одиграме еден добар натпревар, и ќе дадеме се од себе да ја израдуваме оваа публика која ќе дојде во Струмица“ - вели Гоце Седлоски.

Доколку Вардар успее да го помине Малме, во третото квалификациско коло ќе игра против ФК Копенхаген.

Денешниот натпревар помеѓу Вардар и Малме се игра на стадионот „Младост“ во Струмица со почеток од 18 часот. Стадионот се очекува да биде речиси исполнет и покрај високата цена на влезници која изнесуваше 500 денари. Директен пренос ќе има на ТВ Нова.

Фото: ФК Вардар