24фудбал

Шкендија го мина Хелсинки, македонскиот вицепрвак има шанса што не се пропушта (ВИДЕО)

Екипата на Шкендија успеа да се пласира во третото квалификациско коло за пласман во групната фаза од Лига Европа, откако го елиминираше финскиот претставник Хелсинки.

Македонија

Шкендија ремизираше на реваншот кај Хелсинки во Финска со 1-1, па така со овој резултат патува во третата рунда квалификации за Лига Европа, по триумфот на домашен терен со 3-1.

Ако се земе во предвид противникот во третото коло и фактот што реваншот го играат на домашен терен, несомнено ова ќе биде шанса која не се пропушта за тетовските „црвено-црни“.

Првото полувреме мина во знакот на домаќините, кои беа поконкретни во нападите, очигледно беше дека нашиот претставник го бранеше резултатот од првиот меч (3-1), иако стратегот од клупата на македонскиот вицепрвак најави офанзивна игра и во Финска, тоа не се оствари, барем не во првите 45 минути игра.

По неколкуте шанси и доминација на теренот, Хелсинки поведе со 1-0 со автоголот на Радески во 29. минута. Беше тоа едно невнимание на нашиот вицепрвак во одбраната при корнер ситуација за домаќините.


Работите целосно се променија во вториот дел од мечот, Шкендија притисна и со тоа дојде до неколку обиди кон противничкиот гол.

Најнапред Тодоровски упати „бомба“ во 57. минута, забележа дека противничкиот голман е излезен повеќе од што е потребно, но неговиот „хируршки“ прецизен удар заврши само од конструкцијата од голот на Хелсинки, одбиената топка стигна до Радески кој можеше да бира каде да шутира, но неговиот удар заврши над голот.


Во наредните неколку минути следеа убави шанси за гол на Ибраими и Челиковиќ, но истите обиди беа неуспешни.

Дефанзивецот Иван Челиковиќ беше една од промените во почетниот состав кои ги направи Османи за реванш пресметката во Финска, тој ја оправда довербата од тренерот на Шкендија.

Во првиот меч во Струмица, Челиковиќ влезе од клупата, но во Финска почна уште од првата минута, се оддолжи на довербата со одличен, „хируршки“ прецизен удар во голот од Хелсинки, за израмнување на 1-1 во Финска, конечен исход кој го однесе нашиот претставник во третото коло, воедно на некој начин ги реши сите дилеми од овој двомеч.


Шкендија: Захов, Бејтулаи, Алими, Цуцули, Ибраими, Хасани, Вујчиќ (Бојку 79'), Челиковиќ, Радески (Теоја 90'), Тодоровски и Абдурахими (Тотре 66').

Противник на нашиот вицепрвак во третата рунда квалификации ќе биде подобриот од двомечот помеѓу Тракаи (Литванија) и Норчепинг (Шведска). Во моментов се игра продолжение на реваншот во Литванија, откако и на двете средби домаќинот обезбеди триумф од 2-1.

Она што најмногу му одговара на нашиот претставник е фактот што реванш средбата ја игра на домашен терен, пред своја публика.