24фудбал

Вардар слави 70 години, седум децении симбол на Скопје и Македонија

На денешен ден пред 70 години е формиран фудбалскиот клуб Вардар, скопската и македонска гордост, кој во текот на своето постоење станува најтрофејниот клуб во нашата земја.

Македонија

На денешен ден во 1947 година со фузија на два клуба, Македонија и Победа се создава Вардар кој подоцна станува симбол на фудбалот во нашата земја.

Првиот голем успех Вардар го постигнува во сезоната 1960/61 кога го освојува Купот на Југославија. 1987, на 40 годишниот јубилеј на клубот се случува и најголемиот успех кога „црвено-црните“ стануваат шампиони на Југославија.

Со осамостојувањето на Македонија, Вардар ја почнува доминацијата во новоформираната Прва македонска лига, во првите три сезони освојува исто толку трофеи. „Црвено-црните“ владеат и сега, во последните шест години имаат освоено пет шампионски титули.

Многу генерации го носеле дресот на Вардар, а вечно запаметени во историјата како легенди на клубот ќе останат: Дарко Панчев, Илија Најдоски, Андон Дончевски, Кирил Дојчиновски, Васил Рингов, Чедомир Јаневски, Слободан Горачинов, Драган Мутибариќ, Сократ Мојсов, Вујадин Станојковиќ, Бобан Бабунски, Драги Сетинов, Кирил Симоновски - Џина, Кочо Димитровски, Часлав Божиновски, Јовче Џипунов, Љупчо Марковски, Артим Шаќири, Тони Савевски, Момчило Грошев, Мирко Спасески, Саша Ќириќ...

Во оваа година јубилеј слави и навивачката група на Вардар, „Комити“ која е формирана во 1987 година.


Со доаѓањето на Сергеј Самсоненко на чело на Вардар, клубот става крај на турбулентниот период и полека прераснува во модерен европски клуб. Вардар сега има модерен тренинг центар, обрнува големо внимание и на фудбалската академија, сите фудбалски категории имаат идеални услови за развој.

Во оваа година Вардар со победата над Малме прави крупен чекор во европските квалификации и цели кон групните фази од Лигата на шампионите или Лига Европа, остварување кое би било најголемо во историјата на клубот и сон за секој навивач на „црвено-црните“.