24фудбал

Каде оди фудбалот, со 50 милиони фунти се добиваше „Галактико“ засилување како Зидан, сега Сигурдсон, Марез...

Во последните неколку години трансфер пазарот ги поминува границите на здравиот разум, клубовите се расфрлаат со луди пари и за играчи кои вредат и кои не вредат

Англија

Богатите сопственици од Арапските земји како и богатиот договор за ТВ права во Премиерлигата драстично го променија трансфер пазарот.

Во фудбалот секогаш имало пари, па и во минатото се плаќале огромни суми, но обично тие биле резервирани за топ засилувања и на прсти се броеле клубовите кои можеле да реализираат вакви зделки.

Трансферот на Зинедин Зидан во Реал Мадрид во 2001 изнесуваше нешто помалку од 50 милиони фунти, или за тоа време рекордни 77 милиони евра.

Оваа сума сега е како за добар ден. За нормален играч се бараат огромни бројки и што е најтрагично, има клубови кои се подготвени да платат.

Манчестер Сити ова лето неколку пати ја надмина оваа бројка, најпрво плати околу 50 милиони фунти (вклучувајќи и бонуси) за Бернардо Силва од Монако, потоа за Кајл Вокер од Тотенхем за денес да искешира околу 52 милиони фунти за Бенџамин Менди.

Со 50 милиони фунти сега можат да се купат играчи како Гилфи Сигурдсон од Свонси и Ријад Марез од Лестер.

Исланѓанецот може да се пофали со солидни бројки зад своето име минатата сезона, но тој е далеку од класата и реномето на еден Зинедин Зидан.

Исто така, тој зад себе веќе има една неуспешна авантура во голем клуб (Тотенхем) а не може да се пофали ниту пак со поголемо искуство од настап во Лигата на шампионите.

Евертон за неговите услуги понуди 45 милиони фунти, но „Лебедите“ не сакаат да слушнат и инсистираат да биде платена сумата од 50 милиони фунти.

Слична е ситуацијата и со Марез, кој освен една добра сезона кога Лестер на големо изненадување стана шампион, не може да се пофали со некоја завидна кариера.

Рома сака да го купи и достави понуда од 30 милиони евра која според „Лисиците“ е шега и исто како да не постои.

Арсенал, Манчестер јунајтед и Челси исто така платија повеќе од 50 милиони фунти за засилувања, но тие барем купија напаѓачи (Лаказет, Лукаку и Мората), кои секогаш биле на цена.