24фудбал

Вардар го почнува двобојот со Копенхаген, „црвено-црните“ момци можат да влезат во клупската историја

Вардар вечерва со почеток од 20 часот на „Телеком Арената“ го игра првиот натпревар од третото квалификациско коло против Копенхаген.

Македонија

Вардар против Копенхаген е најголемиот дуел на „црено-црните“ во последната деценија, момците на македонскиот шампион се на чекор до историски успех.

Доколку успеат да го поминат Копенхаген, тоа ќе биде првата генерација на Вардар која влегла во групната фаза на некое европско натпреварување. Поминување на третото квалификациско коло во Лигата на шампионите, значи најмалку пласман во групите од Лига Европа.

Вардаровите фудбалери се свесни дека можат да испишат историја и на своите навивачи да им донесат и фудбалска есен, нешто на што не сме навикнати.

Противникот е тежок, Копенхаген е класа над Малме, тим кој редовно учествува во групните фази на Лигата на шампионите или Лига Европа, стабилен клуб со големо искуство во вакви натпревари.

Но, Вардар има генерација која ветува, воигран стартен тим кој, избрусен низ изминатите години кој токму сега треба да блесне. Фудбалерите на Гоце Седлоски против Малме покажаа дека можат да се носат со фаворитите, македонската јавност не очекува ништо помалку ни против Копенхаген.

„Вардар мора да нападне, не да се брани. Се надевам дека ќе го направиме тоа, ќе победиме и во Копенхаген ќе патуваме барем со еден гол разлика. Ако го направиме тоа ќе имаме шанси да ги поминеме“ - капитенот Бобан Грнчаров смета дека само со офанзивна игра може да се оствари сонот.

Според првичната ждрепка, Вардар реваншот требаше да го игра на домашен терен, но со цел да ја добие „Телеком Арената“ како домашен терен мораше да направи компромис.

Вечерва Вардар ќе ја има поддршката од полната јужна трибина на стадионот и од гласниот запад каде стандардно ќе бидат сместени „Комитите“. 

Момците ќе ги имаат сите услови за добра претстава, треба само да одиграа мудро, да го остават срцето на терен, да ја израдуваат македонската публика со резултат кој ќе носи надеж за реваншот во Копнехаген.

Натпреварот започнува од 20 часот, нема уште многу билети во продажба, оние кои нема да можат да бидат на „Телеком Арената“ ќе можат да го проследат мечот низ директен пренос на ТВ Нова.