24фудбал

Грнчаров: Жал ми е што нема да играм, но знам дека момците ќе го остават срцето на терен

Капитенот Бобан Грнчаров поради суспензија нема да игра на утрешниот натпревар против Фенербахче, но верува дека неговите соиграчи можат да му донесат историски успех на Вардар.

Македонија

Грнчаров е една од најзначајните алки во составот на Вардар не само поради неговите квалитети во дефанзивата туку поради лидерството на теренот и начинот на кој ги мотивира соиграчите.

Тој нема да настапи на утрешниот меч, но Грнчаров е во Истанбул да им даде поддршка на соиграчите на патот кон најголемиот успех во историјата.

„Навистина ми е многу жал што нема да можам да настапам утре на вториот натпревар со Фенербахче, но тука сум во Истанбул со играчите да им дадам поддршка на овој натпревар. Верувам дека кој и да игра ќе го даде максимумот, ќе игра со срце за добар резултат на утрешниот реванш“ - вели Грнчаров за официјалниот сајт на Вардар.

„Играме против одличен тим кој што игра добро пред своја публика, но ние имаме резултат од 2:0 од првиот натпревар и се надевам дека ќе успееме да постигнеме гол и со тоа да си ја олесниме задачата. Стојам целосно зад играчите, и се надевам дека сето тоа ќе биде еден дополнителен мотив за поволен исход од утрешниот натпревар кој ќе го донесе тој долго посакуван чекор кон групите во едно натпреварување во Европа“.