24фудбал

Барсегјан: Зенит е силен, но силен беше и Фенербахче

Офанзивниот фудбалер на Вардар, Тигран Барсегјан се надева дека и против Зенит ќе продолжи победничката серија на „црвено-црните“ на домашен терен.

Македонија

Вардар одигра перфектни квалификации на домашен терен, пред македонскиот шампион паднаа Малме, Копенхаген и Фенербахче, на ред е тимот на Зенит кој во четврток гостува на арената „Филип Втори“.

Еден од највпечатливите фудбалери на Вардар е Ерменецот Тигран Барсегјан кој верува дека и Зенит може да биде победен во Скопје.

„Низ досегашните натпревари во Европа, покажавме дека имаме добар тим и дека можеме да се носиме со секого. Особено на домашен терен каде што остваривме три победи во исто толку натпревари. Се надеваме дека таа серија ќе продолжи и против Зенит. Играме против многу силна екипа, но така беше и со Фенербахче, па ние победивме и на двата натпревари. Во Скопје заедно со нашата публика, можеме да направиме уште еден голем резултат“, вели Барсегјан за официјалната страна на Вардар.

Вардаровиот фудбалер сака полн стадион во четврток.

„Повеќе публика, тоа подобро за нас. Тие се нашиот 12-ти играч, ни даваат мотив да играме и да се претставиме во најдобро издание. Ние ќе им се оддолжиме со максимална игра и се надевам на крајот со победа. Дојдовме до групната фаза, и сега треба да мислиме како да освоиме што повеќе бодови во натпреварите кои претстојат. Исто така во овој натпревар влегуваме во добра серија од пет победи која се надеваме и посакуваме да продолжи“.