24фудбал

Јаневски откри што им кажал на своите фудбалери на паузата, притоа издвои голем проблем кој настана во нападот на Вардар

Стратегот од клупата на македонскиот првак смета дека поразот од Зенит треба да послужи како поука за претстојните предизвици во Европа.

Македонија

Вардар забележа неславно деби во групите од Лига Европа, за противник го имаше руски Зенит кој мина како брз воз низ Скопје, и тоа со убедлива победа од 0-5 во конкуренцијата „Л“, каде следниот противник на Вардарци, тимот на Розенборг беше поразен со 4-0 на гостувањето кај Реал Сосиедад.

Чеде Јаневски не го криеше разочарувањето од високиот пораз, по крајот на средбата, тој на пресконференцијата изјави дека неговиот тим бил „скршен“ со водечкиот гол кој гостите го постигнале уште во раната фаза на мечот.

Многу е тешко да играте против ваков противник кога ќе примите гол уште на самиот почеток. Набрзина Зенит даде и уште еден гол, по што не можевме да се вратиме“ издвои Јаневски.

Тој откри што им порачал на своите фудбалери на паузата, по водството на Зенит од 0-3 по првите 45 минути игра во Скопје.

На полувремето им реков на фудбалерите дека се враќаме од почеток. Тргнавме подобро, не создадовме некои големи шанси, но се обидувавме да го направиме тоа. Не успеавме да дадеме гол, примивме четврт евтин погодок и во таков момент знаете дека можете да примите уште некој“ додаде тој.

Од овој натпревар треба да извадиме поуки кои ќе ни помогнат во наредните натпревари, сигурен сум дека ќе освоиме бодови во групата“ смета шефот на стручниот штаб на црвено-црните.

Освен Брдаровски, кој поради повреда мораше да биде заменет со Глишиќ пред крајот на првиот дел, со повреда се здоби и Бразилецот Итало, кој по само десет минути минати на теренот, веднаш се повреди но поради трите измени кои веќе ги направи Јаневски претходно, Вардар играше со играч помалку во последните десет минути од средбата, но проблемот е тоа што нашиот шампион нема многу напаѓачи во составот, што воедно го загрижува и Јаневски. 

Имаме проблеми со составот, немаме многу напаѓачи, се повреди и Итало. Откако дојдов немав многу време да поработиме на новите засилувања, па мора да продолжиме вака и да бараме решенија во младите играчи“ заврши Јаневски.

Следен противник за Вардарци во групата „Л“ е норвешки Розенборг кој вечерва претрпе висок пораз на гостувањето кај Реал Сосиедад со 4-0. Вардар гостува во Норвешка на 28 овој месец.

 

Фото: Кочо Сотировски (24фудбал)