24фудбал

Глигоров: Ренова ќе биде можност за „поправка“ за ремито против Скопје

Фудбалерот од средниот ред на црвено-црните смета дека тетовскиот тим ќе биде добра можност за поправка на претходниот кикс.

Македонија

Утре во терминот од 15,30 часот се играат натпреварите од шестото коло во домашниот фудбалски шампионат, бранителот на титулата на домашен терен го пречекува тимот на Ренова.

Фудбалерот на македонскиот првак, Никола Глигоров смета дека претходните два натпревари за неговиот тим, оној против Зенит во Лига Европа (0-5) и против Скопје во домашното првенство (1-1) треба да се заборават, а утрешниот меч ќе биде добредојден за корегирање на грешките.

Два натпревари по ред во кусо време сме без победа. Ако поразот против Зенит не делуваше толку изненадувачки, иако истиот беше превисок, тогаш во дуелот против Скопје не планиравме и не очекувавме да освоиме само бод. Очекувавме и посакувавме три бода, но не успеавме да дојдеме до нив. Не секогаш се остварува планираното. Што е тука е, мораме да го заборавиме тој натпревар бидејќи имаме веќе нов натпревар утре кој е нова шанса за победа, за бодови“ вели Глигоров.

Играме на стадионот во Маџари. Условите не се како на Националната Арена, меѓутоа каде и да играме, мораме на секој натпревар да одиме на победа. Го респектираме тимот на Ренова, но сметам дека сме поквалитетни, и одиме да го добиеме овој натпревар. Ние на секој меч одиме на победа, и така ќе треба да се однесуваме, затоа што само така ќе стигнеме до нашата цел. Ќе ни недостасуваат неколку играчи како Грнчаров кој има црвен картон, потоа Брдаровски и Новак кои се повредени. Меѓутоа верувам дека оние кои ќе добијат шансата ќе дадат максимум и ќе дојдеме до победа“ додаде фудбалерот од средниот ред на Вардар во пресрет на утрешната пресметка со Ренова.

На табелата, Шкендија е лидер со 13 бода, по неа следат Пелистер и Академија Пандев со по осум бода, Вардар е на делба на четвртото место со Шкупи со по седум бода.


Извор: fkvardar.mk