24фудбал

Фелипе во финишот му донесе победа на Вардар против Ренова

Вардар се спаси од нов кикс благодарение на прекрасен погодок на Фелипе во финишот од мечот, Работнички губеше со 2-0 од Победа на крајот славеше со 4-2 и излезе од дното на табелата.

Македонија

На стадионот во Маџари, Вардар мака мачеше да дојде до трите бода против Ренова, но на крајот успеа во тоа, мисијата беше остварена.

Македонскиот шампион добро го почна мечот, во 25. минута по додавање од Демири, Барсегјан погоди за водство од 1-0. Но на пет минути пред крајот на првиот дел Ренова со гол на Рамадани го израмни резултатот на 1-1.

Вардар долго време се обидуваше да дојде до ново водство, тоа конечно му успеа во 82. минута кога Фелипе со прекрасен удар од далечина му донесе триумф на својот тим од 2-1.

Работнички со комплетен пресврт во второто полувреме дојде до триумф од 4-2 кај Победа и излезе од дното на табелата.

Прилепчани со головите на Гешоски и Најдовски во првиот дел имаа водство од 2-0, но не успеаа да ја задржат убавата предност. Работнички со два гола на Маркоски и по еден на Сахити и Џофри дојде до првата победа оваа сезона.

Шкендија со убедливи 5-0 го совлада тимот на Силекс. Емини постигна хет-трик, по еднаш прецизно стрелаа Хасани и Ибраими.

Академија Пандев со 2-0 го победи Пелистер и го продолжи одличниот старт на сезоната. Работата им беше олеснета во 53. минута кога Кардозо поради неспортски удар доби црвен картон. 

Неколку минути подоцна беше досуден пенал за Академија Пандев поради игра со рака. Балдовалиев донесе водство од 1-0, а во финишот Боуен ги постави конечните 2-0.

Шкупи со гол на Стојкоски го победи Скопје со 1-0.

По шестото коло Шкендија е лидер со 16 бодови, Академија Пандев има 11, Вардар кој има меч помалку има 10 исто колку и Шкупи. На петто место е Пелистер со осум бодови, Силекс има шест, Работнички со пет меча има исто толку бодови. Ренова е осма со пет бода, колку што има и Победа. Скопје со три бода е на последното место на табелата.