24фудбал

Венгер не знае кај тера: Би можел да ги продадам Озил и Санчез во јануари

Арсен Венгер до пред два месеци говореше дека „Топчиите“ се подготвени да претрпат финансиски удар и да ги задржат Месут Озил и Алексис Санчез, но сега говори за нивна продажба во јануари

Англија

Французинот уште еднаш покажа дека многу лоша ја менаџира ситуацијата на двете големи ѕвезди, Месут Озил и Алексис Санчез.

Двајцата играчи се во последната година од договорот, и летоска Арсенал ја имаше последната шанса да заработи добро од нивна продажба.

Сепак, Арсен Венгер категорично говореше дека играчите нема да бидат продадени и дека „Топчиите“ се подготвени да претрпат финасиски удар со цел Озил и Санчез да останат на Емирати и да помогнат за остварување на целите.

Тој сепак во последниот ден од преодниот рок се премисли за Санчез и даде зелено светло за негова продажба, но потоа во пет до дванаесет уште еднаш се предомисли и не го пушти Чилеанецот да се пресели на Етихад.

Многумина веруваат дека неговата ваква одлука е катастрофална поради тоа што Озил и Санчез влијаат за лоша атмосфера на тимот, а Арсен Венгер сега уше еднаш покажа дека е „без компас“ откако призна дека би можел да ги продаде Германецот и Чилеанецот во јануари.

„Нивна продажба во јануари е опција – рече менаџерот на Арсенал на денешната прес конференција.

„Кога сте во ситуација како оваа нашата, мората да го разгледате секое решение.

Но Арсенал во јануари сигурно ќе добие драстично помали суми од оние кои можеше да ги добие летоска. Никој нема да плати богатство за играчи кои можат да потпишат пред-договор и за шест месеци да пристигнат за НУЛА евра. Исто така, зимскиот преоден рок ќе им понуди помалку квалитетни играчи за замена.

Фановите и Венгер можат само да се надеваат дека играчите сепак ќе стават потпис на нов договор, вакво нешто пред некој ден најави агентот на Месут Озил, кој кажа дека преговорите бележат напредок.

„Од она што го знам, Озил сака да остане во Англија. Двајцата се среќни тука и се надевам дека ситуацијата ќе се промени и ќе стават потпис на нови договори - додава Венгер.

„Сепак, во моментов немаме ништо за соопштување.