24фудбал

Гезтепе подготвува нов договор за Јаховиќ, веќе е позната и неговата моментална плата во тимот од Измир

Адис Јаховиќ добива нов, побогат договор од Гезтепе, пренесуваат медиумите во Турција.

Македонија

На Гезтепе му тргна во новата сезона и во турската Суперлига, откако ланската сезона предводен од нашиот 31 годишен напаѓач Адис Јаховиќ беше промовиран во елитата.

Тимот од Измир е веднаш зад лидерот Галатасарај на табелата со 16 освоени бода од осум одиграни кола, односно пет победи, едно реми и два порази, а заостанува шест бода зад првопласираната екипа.

Колку Гезтепе ќе издржи во горниот дел на табелата останува да видиме во периодот што претстои, но македонскиот бомбардер ги решета мрежите од тамошниот шампионат неуморно, па со девет погодоци е на делба на првото место на листата на стрелците заедно со Гомис од Галатасарај.

Одличните партии на нашиот интернационалец не останаа незабележителни, па така во трката по неговиот потпис веднаш се вклучија актуелниот првак на Турција, Бешикташ, како и Анталијаспор а воедно и рускиот тим ЦСКА од Москва.

Од она што го пренесуваат дел од медиумите во Турција, Гезтепе веќе почнал преговори со својот најдобар фудбалер околу продолжување на соработката, односно нов договор, ако се земе во предвид дека актуелниот важечки договор на Македонецот истекува идното лето, тогаш разбирлива е реакцијата на раководството на клубот.


Се шпекулира дека Гезтепе подготвува нов, побогат договор за македонскиот напаѓач со важност од две години, а моменталната плата на нашиот интернационалец е околу 400.000 евра на годишно ниво.

 

Извор: star.com.tr