24фудбал

Вардар импресиониран од противникот, Реал Сосиедад со убедливо водство на полувремето (ВИДЕО)

Полувреме на средбата во Скопје, македонскиот првак со висока негатива по првите 45 минути игра.

Македонија

Македонскиот првак има негатива на домашен терен пред своја публика од Реал Сосиедад со 0-3, по првото полувреме од мечот во третото коло од групата „Л“ од Лига Европа каде нашиот претставник стартуваше со два порази досега, од Зенит и Розенборг.

Џигаури ја имаше првата посериозна шанса откако Грузиецот во 9. минута имаше можност да искористи отпадок во казнениот простор на гостите по нафрлената топка од Фелипе која потоа беше одбиена од дефанзивците на Реал Сосиедад, но неговиот удар од полуволеј отиде директно во рацете на голманот Рули.

Гостите имаа доминација во почетната фаза и таа вроди со плод по еден прекин.

Стрелец на водечкиот гол за гостите беше Микел Ојарзабал кој во 12. минута се постави на вистинско место по една нафрлена топка од корнер, а нему воопшто не му беше лесно да ја смести топката во мрежата од голот на нашиот претставник.


Само три минути подоцна шпанскиот тим можеше и да го дуплира водството, но за среќа ударот на Прието заврши само во конструкцијата од голот на Вардар.

Во 21. минута фантастична рефлексна одбрана на вардаровиот голман Гачевски кој спречи сигурно водство од 0-2 по полуволејот на Каналјес.

Реал Сосиедад имаше целосна контрола на мечот во почетната фаза, а за ова потврдува и поседот на топката кој дури 74% беше на страната на гостите во 25. минута, а во истата минута Вилијан имаше стопроцентна шанса за гол, но Гачевски повторно беше на висина на задачата.

Имаше и нашиот претставник свои шанси, а една од нив беше онаа во 28. минута кога Николов излезе во една ветувачка прилика, но откако се ослободи од својот чувар биеше непрецизно над голот.

Минута подоцна Фелипе со „снајперска“ асистенција до Барсегјан кој излезе сам, очи во очи со противничкиот голман, но не се снајде во оваа ситуација па пропадна една огромна прилика за нашиот претставник во овие моменти од средбата.


И повторно прекините се покажаа и докажаа како болна точка за нашиот тим, иста ситуација како и во првиот водечки гол, но Каналјес за среќа не ја зафати топката во големата прилика во 31. минута по една нафрлена топка од корнер.


Само три минути подоцна Вилијан Жозе веќе зголеми на 0-2 и тоа со една фантастична акција на гостите во која вардаровата дефанзивна линија немаше можност да реагира, туку само да ја проследи истата.


Конечните 0-3 од првото полувреме ги постави Вилијан во 43. минута со својот втор гол на мечот, а на нашиот претставник му се заканува нов пораз во дебитантската сезона од Лига Европа.


Вардар: Гачевски, Грнчаров, Џигаури, Николов, Барсегјан, Глигоров, Хамбарѕумјан, Новак, Глишиќ, Итало и Фелипе.

За вечерашниот меч, Јаневски направи една промена во поставеноста, на левата офанзивна крилна позиција го постави Барсегјан кој досега играше осамен во шпицот на нападот, додека пак на тоа место за вечерва се најде Итало, а по десната страна напаѓа Џигаури кој на претходните две средби се најде еднаш на левата, еднаш на десната страна.

Нашиот претставник на вечерашниот меч е ослабен за дефанзивците Владица Брдаровски, Висар Муслиу, како и Дарко Велковски кој се уште се мачи со повредата, а во тимот се вратија Евгениј Новак, Итало Хозе Оливеира, како и Бобан Николов.

Мечот кој се игра на „Националната Арена Филип Втори“ во Скопје го суди азербејџанскиот арбитар Алијар Агајев.


Фото-вест: 

mundodeportivo.com