24фудбал

ЛЕ: Реал Сосиедад се „прошета“ во Скопје, Вардар доживеа нов дебакл пред своја публика (ФОТО + ВИДЕО)

Нов убедлив пораз на Вардар во неговата дебитантска сезона од Лига Европа, веќе има негативен скор со три од три.

Македонија

По дебаклот од Зенит на домашен терен со 0-5 во првото коло, македонскиот првак доживеа нов убедлив пораз пред своја публика, овој пат од Реал Сосиедад во третото коло од групата „Л“ од Лига Европа со 0-6, а гостите имаа капитална предност уште по првите 45 минути игра каде водеа со 0-3.



Во првото полувреме гостите имаа апсолутна доминација со над 70% посед на топката, а ништо послаба не беше ниту останатата статистика, во која бележиме 17 обиди кон голот на Вардар, наспроти петте обида на нашиот претставник по првите 45 минути игра.

Џигаури ја имаше првата посериозна шанса откако Грузиецот во 9. минута имаше можност да искористи отпадок во казнениот простор на гостите по нафрлената топка од Фелипе која потоа беше одбиена од дефанзивците на Реал Сосиедад, но неговиот удар од полуволеј отиде директно во рацете на голманот Рули.

Гостите ја плетеа мрежата околу голот на Вардар и стигна раното водство, а стрелец на водечкиот гол за гостите беше Микел Ојарзабал кој во 12. минута се постави на вистинско место по една нафрлена топка од корнер, а нему воопшто не му беше лесно да ја смести топката во мрежата од голот на нашиот претставник.


Само три минути подоцна шпанскиот тим можеше и да го дуплира водството, но за среќа ударот на Прието заврши само во конструкцијата од голот на Вардар. Во 21. минута фантастична рефлексна одбрана на вардаровиот голман Гачевски кој спречи сигурно водство од 0-2 по полуволејот на Каналјес.

Во 25. минута нова прикилика за гостите, а истата, Вилијан Жозе имаше стопроцентна шанса за гол, но Гачевски повторно беше на висина на задачата.


Имаше и нашиот претставник свои шанси, а една од тие беше онаа во 28. минута кога Николов излезе во една ветувачка прилика, но откако се ослободи од својот чувар биеше непрецизно над голот.


Минута подоцна Фелипе со „снајперска“ асистенција до Барсегјан кој излезе сам, очи во очи со противничкиот голман, но не се снајде во оваа ситуација па пропадна една огромна прилика за нашиот претставник во овие моменти од средбата.



И повторно прекините се покажаа и докажаа како болна точка за нашиот тим, иста ситуација како и во првиот водечки гол, но Каналјес за среќа не ја зафати топката во големата прилика во 31. минута по една нафрлена топка од корнер.


Само три минути подоцна Вилијан Жозе веќе зголеми на 0-2 и тоа со една фантастична акција на гостите во која вардаровата дефанзивна линија немаше можност да реагира, туку само да ја проследи истата.


Конечните 0-3 од првото полувреме ги постави Вилијан во 43. минута со својот втор гол на мечот, а на нашиот претставник му се закануваше нов убедлив пораз во дебитантската сезона од Лига Европа пред своја публика, по петардата од Зенит.


Како во првото, така шпанскиот тим почна и во вториот дел од мечот, а нашиот шампион едвај врзуваше две до три додавања во почетната фаза од второто полувреме.


Бразилецот Вилијан имаше посебна вечер на мечот во Скопје, па во само четири минути во вториот дел на два пати ја затресе мрежата постигнувајќи четири гола против Вардар, а водството од 0-5 за гостите навестуваше дебакл за тимот на Чеде Јаневски.



Конечните 0-6 ги постави Де ла Белја во 90. минута од средбата.


Вардар шансите за први бодови во Лига Европа ќе ги бара на гостувањето против вечерашниот ривал, и тоа на 2 ноември.

Ќе издвоиме и дека гостите имаа голема поддршка од своите верни навивачи кои беа во солидна бројка на трибините од арената во Скопје.


Вардар: Гачевски, Грнчаров, Џигаури, Николов (Блажевски 46), Барсегјан, Глигоров, Хамбарѕумјан, Новак, Глишиќ (Демири 73), Итало (Марковиќ 64) и Фелипе.

Мечот на „Националната Арена Филип Втори“ во Скопје го судеше азербејџанскиот арбитар Алијар Агајев.