24фудбал

Никој како Вардар, македонскиот првак бележи најлоша статистика во Лига Европа

Дебитантската сезона во второто по ранг европско клупско натпреварување засега не оди според планот.

Македонија

Со синоќешниот пораз од Реал Сосиедад во Скопје до 0-6, Вардар уште толку ја набилда лошата статистика по три одиграни натпревари во Лига Европа, поточно во групата „Л“.

Вардарци во првото коло беа поразени од Зенит со 0-5 пред своја публика, па со пораз од 3-1 се вратија од гостувањето во Трондхајм кај Розенборг, а синоќешниот исход донесе непосакуван ранкинг за нашиот претставник.

Статистиката покажува дека Вардар моментално е екипата која има најмногу примени голови по три одиграни натпревари, вкупно 14, по нашиот претставник следи Австрија Виена со 10, па Зулте Варегем и Розенборг со по 8, односно Евертон со 7 примени гола досега.

Дополнително, Вилијам Жозе со четирите гола синоќа против црвено-црните се искачи на второто место на листата на стрелците, заедно со Кокорин од Зенит кој засега има четири, од кои два против Вардар во првото коло.

Останува дилемата дали ова е најдоброто од нашиот шампион досега, или пак потребни се промени во поставеноста на играта, а за синоќешниот пораз извинување на пресконференцијата по мечот изрази Чеде Јаневски кој ја презеде вината за дебаклот.