24фудбал

Скопје е домаќин на меѓународен турнир во женски фудбал

Млади фудбалерки од повеќе од 40 националности престојуваат во Скопје и во текот на денешниот и утрешниот ден ќе се натпреваруваат на меѓународен турнир кој се одржува на теренот на фудбалскиот клуб „Алумина“. Домаќин е меѓународното училиште „Нова“, а македонските бои ќе ги брани тимот од оваа образовна институција. Фудбалските надежи ќе си ги измерат силите на теренот со фудбалерки од Белград, Србија; Софија, Бугарија; Киев, Украина; Баку, Азербејџан и Рига, Латвија.

Македонија

Турнирот е дел од активностите во рамки на Асоцијацијата на образовни институции од Централна и Источна Европа (CEESA) во која членува и „Нова“. Настанот почна денес со дуелот помеѓу тимовите од Украина и Азербејџан, а сите натпревари се отворени за посетители и ќе се одржуваат од 9.30 часот наутро до попладневните часови. 

- Немаме прецизна информација дали ние сме единственото училиште во земјава каде што се тренира женски фудбал, но знам дека кај нас тешко доаѓаме до противници за нашиот тим. Од друга страна меѓународните училишта, членки на асоцијацијата CEESA имаат добро развиени програми за женски фудбал, како за ученички од основно, така и за средношколките. Овие шанси, за нашите ученички да се натпреваруваат на интернационално ниво се од непроценливо значење – објаснува Александар Ристовски, спортски директор во „Нова“. 


Споредувајќи ја ситуацијата во Македонија и во други земји кога станува збор за женскиот фудбал, тој посочува дека засега овој спорт се уште не е премногу популарен кај девојките, но работите се менуваат. 

- Моето искуство е дека фудбалот не е најполурен спорт кај девојчињата во Македонија и повеќето се одлучувааат за одбојка, кошарка или ракомет. Сепак морам да забележам дека во последните неколку години има пораст на интересот кај женската популација за овој спорт. Ние како институција правиме максимални напори да ги едуцираме нашите ученици да немаат предрасуди кон спортовите и спортистите. Напротив, работиме на промоција на голем број спортови и активен живот како многу важен дел од секојдневието на младите луѓе и неопходна компонента за еден здрав развиток – појаснува Ристовски. 


Женскиот тим на „Нова“ има освоено неколку трофеи на овие меѓународни турнири и натпреварувања. 

- Сепак, ние повеќе сакаме успехот да го мериме преку тоа како учеството во нашите програми им помогнало на ученички да се развијат во подобри личности и колку е вредно искуството што го стекнале за време на овие настани, а не во тоа колку и какви медали имаме освоено. Значајно е да се освојат трофеи, но уште позначајни се позитивните и вредни искуства – појаснуваат од оваа образовна институција. 

Скопје и „Нова“ по втор пат се домаќини на турнир по женски фудбал. Голем број на фудбалерки од училишта од Централна и Источна Европа пред точно една година престојуваа во главниот град и три дена се натпреваруваа за највисоките места.