24фудбал

Милевски: Австрија е силна, но ние сме подготвени да покажеме дека имаме квалитет

Македонската репрезентација до 21 години, утре (вторник) од 13 часот на арената „Филип Втори“ ја пречекува Австрија во четвртиот меч од квалификациите за ЕП 2019.

Македонија

Македонските надежи до 21 години против Австрија ќе се обидат да се вратат на победничките патеки откако претрпеа два порази во низа. Главното разочарување се случи против Гибралтар на кој му дозволија да дојде до историски триумф.

Селекторот Благоја Милевски верува дека впечатокот ќе биде поправен утре, против Австрија.

„Подготвени сме да покажеме дека имаме квалитет и дека резултатите во подготвителниот период и оној против Ерменија во квалификациите не се случајност. Фудбалерите се мотивирани да го покажат својот потенцијал, а тоа што играме на „Филип Втори“ арената само ја зголемува мотивацијата кај играчите“ - вели селекторот Благоја Милевски.

„Австрија е силна репрезентација, поразот од Србија не одраз на нивниот квалитет, до 82. минута беше 1-1, во финишот примија два гола и загубија. Треба да ги искористиме нивните слаби страни и да дојдеме до победа“.

„Имаме уште седум меча до крајот на квалификациите, па имаме уште шанси, сега следуваат натпревари против директните конкуренти. Но, јас никогаш не сум рекол дека целта во овие квалификации ни е да се пласираме на ЕП. Важно е да бележиме добри резултати и да го подобруваме рејтингот“.