24фудбал

У21: Очајно издание, промашен пенал и убедлив пораз од Австрија! (ВИДЕО)

Висок пораз за младата фудбалска репрезентација во квалификациите за пласман на ЕП Италија 2019.

Македонија

Македонија загуби убедливо од Австрија со 0-4 пред своја публика на „Националната Арена Филип Втори“ во Скопје во четвртиот натпревар од европските квалификации. Со овој пораз, бележиме учинок од три порази и една победа досега, од кои еден пораз од аутсајдерот Гибралтар претходно.

Дополнително, имаме низа од три меча без постигнат гол во овие квалификации, а Исени во завршницата од мечот против Австрија не успеа да погоди од белата точка за ублажување на поразот.

Нашите надежи почнаа добро, парираа, а ја имаа првата шанса преку Чешмеџиев кој биеше прецизно од далечина од слободен удар, но Гартлер имаше убава реакција и спречи мајсторија на нашиот фудбалер во 9. минута.

Австријците во продолжение ја преземаа контролата на играта, па така стигна првиот гол, дело на Јакуповиќ кој одлично се снајде во нашата половина, при една мини соло акција си создаде шанса за удар, го искористи просторот и биеше неодбранливо за водство во 12. минута.


И тука не застанаа гостите, во 25. минута Хонсак зголеми на 0-2, а резултатот од 0-3 на полувремето го постави Лаимер во 36. минута.



Три минути подоцна Елмас имаше убав обид за ублажување на водството но повторно на висина на задачата беше Гартлер кој спречи гол на нашиот репрезентативец.

Како почнаа гостите, така продолжија и во второто полувреме, Хонсак имаше стопроцентна шанса по само две минути игра во вториот дел, за среќа неговиот удар помалку на среќа беше изблокиран.

Јанков го спасуваше нашиот гол две минути подоцна откако Јакуповиќ имаше изгледна прилика за гол откако излезе сам, очи во очи со него.

Избраниците на Милевски малку се ослободија од притисокот, барем за момент, па во 50. минута следеше убава шанса на Стојановски по нафрлената топка од страна на Костадинов, но Стојановски не успеа да постигне гол во оваа прилика.

Австрија во 54. минута зголеми на 0-4 а голот за гостите стигна по едно недоразбирање помеѓу Елмас и Амановиќ, сешто му преостана на Јакуповиќ беше да го искористи отпадокот, а тоа го направи со еден силен удар, неодбранлив за Јанков.


Дополнителни проблеми во последната третина од мечот дојде по повредата на Елмас кој во 68. Минута мораше да го напушти теренот а на негово место влезе Садики. Вреди да се издвои дека Милевски на стартот од второто полувреме се обиде со две измени да направи промени во играта, излегоа Кулески и Селмани, а влегоа Здравковски и Стојановски.

Абаз се чини ја имаше најзрелата прилика да постигне гол од игра и колку толку да го ублажи поразот, но неговиот удар заврши крај дирекот на гостите.

Не можеше да биде полошо за Македонија на овој меч откако Костадинов на десет минути пред крајот на средбата заработи втор жолт картон и со тоа предвреме беше испратен во соблекувалната.

Кога не сака, едноставно не сака, Исени промаши пенал во 85. минута, а Стојановски во продолжението не успеа да погоди од една мини-прилика за нашиот табор, па со тоа продолжи црната серија од три меча без погодок за избраниците на Благоја Милевски во овие квалификации.

Со денешниот пораз остануваме заковани на дното од квалификациската група „7“ со засега три освоени бода, од гостинската победа кај Ерменија со 0-3. 

Мечот во Скопје го судеше португалскиот арбитар Жоао Педро Пинеиро.

Македонија У21: Јанков, Симовски, Чешмеџиев, Кулески (Здравковски 46), Абаз, Костадинов, Селмани (Стојановски 46’), Амановиќ, Георгиев, Елмас (Садики 68’) и Исени (4-2-3-1).