24фудбал

Вардар еднаш се радуваше во Русија, може ли повторно?

Вардар денеска има нов предизвик во Лига Европа, гостува на тежок терен во Санкт Петерсбург кај Зенит кој е лидер во нашата група, но македонскиот тим верува дека од таму може да се врати со првите бодови.

Македонија

Денеска во 19 часот Вардар го игра петтиот натпревар во Лига Европа и ќе атакува на првите европски бодови.

Македонскиот тим не се прослави многу во досегашниот тек од Лига Европа, има четири порази од четири меча, а првиот дојде токму од Зенит со убедливи 5-0.

Зенит е силен тим и апсолутен фаворит во дуелот со Вардар, но тренерот Јаневски верува во неговите момци и смета дека може да направат изненадување.

„Нема што да зборуваме многу, знаеме со каков противник играме. Не е Зенит само обичен тим, туку е еден од најдобрите во нашата група, и не само во нашата група, туку и од сите кои се натпреваруваат во Евроската лига. Зенит не губи на домашен терен, но ние доаѓаме подготвени за овој меч, знаеме дека имаме добар тим и ќе истрчаме на терен со мотив за бод или три, затоа што овој тим на Вардар со добри тимови покажа дека знае да игра. Сите фудбалери со голема желба ќе истрчаат на теренот, и ќе докажат дека и последниот меч со Зенит не беше мерило за нашиот квалитет. За добар резултат ќе ни треба добра организација во играта и во одбраната и во нападот, ќе ни треба тимска и хомогена игра. Дојдовме тука да не се затвориме и да играме што се вели на „нула“, туку ќе настојуваме да дадеме гол. Ако сакаме добар резултат ќе треба да направиме се да го сочуваме својот гол исто така како и да дадеме гол. Да се покажеме во подобро светло, и да направиме напредок и во игра и во резултат“, вели тренерот Јаневски.

Роберто Манчини најави дека за вечерашниот натпревар ќе направи неколку измени во составот и ќе им даде шанси на оние фудбалери кои имале помала минутажа.

Таквото потценување може да биде шанса за Вардарци да покажат дека се подобри од тоа што го презентираат досега во Лига Европа.

Вардар во минатото се радувал во Русија, сите навивачи добро ја паметат победата против ЦСКА Москва од 2-1, дали ќе видиме нов успех во оваа земја останува да дознаеме за неколку часа.