24фудбал

Вардар покажа заби, Блажевски со гол за најавните шпици, црвено-црните со кренати глави по поразот од Зенит (ФОТО + ВИДЕО)

Вардар рамноправен на гостувањето кај Зенит во Санкт Петерзбург, но со пораз се враќа од овој меч во петтото, претпоследно коло во групата „Л“ од Лига Европа.

Македонија

Македонскиот првак со пораз од 2-1 се враќа од гостувањето кај рускиот гигант, но овој пораз неболи, од причина што црвено-црните одлично му се спротиставија на големиот фаворит кој не настапи со најсилниот состав, имаше свои шанси и моменти на мечот кои за жал не ги искористи.

Ако ова е увертира за мечот во последното коло, тогаш истата е одлична ако се земе во предвид дека токму против Розенборг, Вардар ја имаше најдобрата партија досега во петте одиграни меча.



Зенит прв дојде до водство со голот на Полоз во 16. минута откако вардаровата одбрана обезбеди голем простор за игра на домашните фудбалери па најумешен во таа ситуација беше Полоз кој прими одлична топка од Дзјуба.


Зенит можеше и да го дуплира водството откако Новак направи прекршок за најстрога казна во 27. минута над Дзјуба.

Фудбалерот на домаќините се реши да го шутира ударот од белата точка и да му пркоси на непишаното фудбалско правило кое вели дека тој врз кој е направен прекршокот за пенал не треба да го изведува пеналот, па на крајот се прослави вардаровиот голман Гачевски кој имаше одлична реакција во оваа ситуација.


Ригони создаваше многу проблеми за вардаровата одбрана, а Аргентинецот успеа на две минути пред крајот на првото полувреме да го зголеми водството на рускиот тим по една грешка на бекот на црвено-црните, Демири.


Со водство од 2-0 домаќините заминаа на паузата, а избраниците на Јаневски рамноправно го почнаа и вториот дел, па во само седум минути следеа два обида кон противничкиот гол, најпрво на Џигаури во 52. па на Фелипе во 59. минута, но истите беа неуспешни.

Најубавиот момент кој го одиграа Вардарци беше оној во 72. минута, Џигаури убаво се постави на удар, меѓутоа и покрај тоа што беше прецизен во својата намера, Лодигин имаше уште подобра реакција на голот на Зенит.

Блажевски, џокерот од клупата на Јаневски погоди за ублажување на поразот во самиот финиш од средбата, а голот беше вистинско ремек дело.


Вардар: Гачевски, Демири, Новак, Грнчаров, Хамбарѕумјан, Марковиќ, Николов, Фелипе, Џигаури (Петковски 90'), Барсегјан (Стојчевски 85‘) и Итало (Блажевски 79).

Мечот во Санкт Петербург на арената „Крестовски“ го судеше белгискиот арбитар Барт Вертентен.

Следен предизвик за црвено-црните е дуелот со норвешки Розенборг на домашен терен на 7 декември. Токму против Розенборг нашиот претставник го постигна првиот гол, дело на Фелипе во дебитантската сезона од Лига Европа во поразот од 3-1.

 

Фото: fc-zenit.ru