24фудбал

Вардар е во форма, победа против Академија Пандев во Струмица

Вардар ја забележа четвртата победа по ред во домашното првенство овој пат во дербито кај Академија Пандев, триумф со 2-0 за големи три бода.

Македонија

По кризата во која освои само еден бод од три натпревари, Вардар влезе во форма и нареди четири победи по ред, овој пат „црвено-црните“ славеа на гостувањето кај Академија Пандев.

Резултатот беше отворен во судиското продолжение од првото полувреме кога по нафрлување на Хамбарџумјан, Максимов погоди со глава за водство од 1-0. Вардар беше подобар во првиот дел и заслужено дојде до предност.

Во вториот дел Академија Пандев се обидуваше да дојде до израмнување, но Вардар беше поопасен од против напади. Токму при еден таков во 88. минута, Фелипе одлично му асистираше на Стојков кој погоди и ги реши сите дилеми поставувајќи ги конечните 2-0.

Гостински триумф славеше и Победа која со голот на Гешоски од пенал го совлада Скопје со 1-0.

Пелистер во Битола прокоцка предност од 2-0 против Шкупи. Битолчани водеа по првиот дел со головите на Маркоски и Кардозо. Но во последните десетина минути доживеаа вистински шок, најпрво Љамчевски си постигна автогол, а потоа и Муарем погоди за конечни 2-2.

Силекс со комплетен пресврт во второто полувреме го победи Работнички со 2-1. Романтичарите водеа со голот на Стјепановиќ уште од 7. минута, Силекс дојде до триумф со погодоците на Ѓорѓевиќ и Стојчевски во вториот дел.

Синоќа Шкендија со 6-1 ја победи Ренова.

Табела по 17. коло:

1. Шкендија 43

2. Вардар 32 (-2)

3. Силекс 28

4. Академија Пандев 25 (-1)

5. Работнички 20 (-1)

6. Шкупи 20

7. Победа 18

8. Ренова 17

9. Пелистер 16

10. Скопје 10

Во заграда е бројот на заостанати натпревари.