24фудбал

Јаневски: Со вистински пристап и верба во себе да ги освоиме првите бодови во Лига Европа

Тренерот на Вардар, Чеде Јаневски се надева дека утре против Розенборг неговиот тим ќе се претстави едно светло издание и ќе ги освои првите бодови во последниот меч од Лига Европа.

Македонија

Вардар не се прослави во првите пет кола од Лига Европа, доживеа порази, особено убедливи беа оние на домашен терен против Зенит и Реал Сосиедад.

Македонскиот шампион сега го пречекува Розенборг против кој ќе се обиде да дојде до поволен резултат и да не го заврши натпреварувањето без освоен бод.

„Го играме последниот натпревар. Веќе видовме како е да се игра во Лига Европа, би требало да го имаме искуството и треба да одиграме подобро и да ги освоиме првите бодови. Високите порази на домашен терен болат, на гостински бевме блиску до освојување на бод, но не успеавме. Сега ни доаѓа Розенборг и со вистински пристап и верба во себе мислам дека можеме да ги освоиме првите бодови“, вели Чеде Јаневски.

Дефанзивецот, Дарко Велковски вели дека сите фудбалери се подготвени за утрешниот меч.

„Розенборг негува сличен стил на игра како и Копенхаген и Малме. Сите фудбалери сме подготвени за овој натпревар и се надевам дека ќе успееме да ги израдуваме навивачите. Имаме висок противник, па нашата игра треба да биде по земја“, вели Велковски.

Натпреварот помеѓу Вардар и Розенборг се игра утре (четврток) со почеток од 21:05 часот.