24фудбал

Мурињо секоја година прави тим од кој „боли глава“, но...

Втората сезона секогаш е добитна за Жозе Мурињо, но Португалецот изгледа ќе треба да почека за трета среќа кога е во прашање Манчестер јунајтед

Англија

Португалецот во 2016 седна на жешкото столе на Манчестер јунајтед, доби одврзани раце да прави што сака и тој веднаш донесе четири засилувања по негов мерак.

Прв пристигна Ерик Баји од Виљареал, потоа Златан Ибрахимовиќ од ПСЖ, па Хенрих Мхитарјан од Борусија Дортмунд за јагодката на шлагот да биде Пол Погба за тогаш рекордни 105 милиони евра.

Но првата година не одеше според планот, Манчестер јунајтед заврши надвор од топ четири а го „извади“ триумфот во Лига Европа, кој носеше настап во Лигата на шампионите.

Минатото лето Манчестер јунајтед одново го одврза ќесето за да креира тим од кој „боли глава“, и „Црвените Ѓаволи“ се засилија со Виктор Линделоф, Ромелу Лукаку и Немања Матиќ.

Сезоната започна одлично, фановите почнаа да сонуваат за титулата, а во полза им одеше и традицијата која вели дека Жозе Мурињо во втората сезона секогаш станува шампион (таква беше ситуацијата во Порто, Интер, два пати во Челси и Реал Мадрид).

Но потоа следуваше пад во формата, а и Пеп Гвардиола и неговиот Манчестер Сити се немилосрдни, па по поразот во градското дерби, Жозе Мурињо и Манчестер јунајтед сега заостануваат 11 бода зад лидерот и се чини дека ќе мора да се помират со уште една сезона без трофеј од Премиерлигата.

Слабите резултати не се единствениот проблем, за многумина загрижувачки е и стилот на игра. Мурињо не отстапува од својот пристап кој е дефанзивен, тоа особено доаѓа до израз на дерби пресметките.

И додека добар дел од фановите сметаат дека оваа не личи на најтрофејниот клуб од Англија, мора да се понуди многу повеќе а Жозе Мурињо не е човекот за тоа, лидерите на клубот се подготвени да му дадат уште една шанса на „Специјалниот“.

Тој ќе треба да добие 300 милиони евра за засилувања како Герет Бејл, Милинковиќ Савиќ, Дени Роуз и Вилијан, и да креира „страшен“ тим со кој ќе го врати трофејот од Преимерлигата на Олд Трафорд.

Останува да се види како ќе се одвиваат работите, и дали следната сезона ќе биде трета среќа за Жозе Мурињо на кормилото на Манчестер јунајтед.