24фудбал

Шалке жали, Баерн е среќен: Горецка од лето на Алианц Арена

Она што се најавуваше со месеци конечно и официјално е потврдено, талентираниот Леон Горецка од јули ќе биде нов играч на најтрофејниот германски клуб

Германија

22 годишниот фудбалер од средниот ред ги одработува последните шест месеци од договорот со Шалке. Тој на маса имаше богата понуда за да ја продолжи верноста, но и можност да потпише за европски гигант, откако на неговата врата тропнаа тимови како Баерн Минхен, Барселона, Реал Мадрид и Ливерпул.

Уште во декември почнаа да кружат шпекулации дека „Баварците“ се тие кои ја добиваат битката за потписот на Леон Горецка, а ваквите информации официјално беа потврдени денеска.

„На почетокот од неделава, Леон ни соопшти дека сака да замине и да се пресели во Баерн Минхен – рече спортскиот директор на Шалке, Кристијан Хајдел.

„Тој веќе има потпишано договор и ќе се пресели на Алианц Арена на 1. јули 2018. Сторивме се што можевме за да го задржиме Горецка. Минатото лето имавме договор со него и неговите агенти, но побара дополнително време да одлучи. Жалам што го загубивме.

Секако, расположението во таборот на „Баварците“ е сосема спротивно, тие за без пари добиваат фудбалер кој важи за еден од најперспективните во Германија и Европа.

„Многу сме среќни што Леон, германски репрезентативец со голем потенција, одлучи да му се придружи на Баерн Минхен и покрај тоа што имавме голема конкуренција од странство – вели генералниот извршен директор на Баерн, Карл Хајнц Румениге.