24фудбал

УЕФА со нов план како да ги заузди петро доларите на ПСЖ и Сити, се „крчка“ ФФП 2.0

Медиумите од Франција пренесуваат дека Европската куќа на фудбалот работи на дополнување на Финансискиот фер плеј со цел да се спречат клубовите како ПСЖ и Манчестер Сити да се расфрлаат со пари

Останато

Со намера да спречи луди трансфери, УЕФА во 2011 го воведе Финансискиот фер плеј, кој предвидува клубовите да трошат онолку колку што заработуваат.

Но некои клубови, како ПСЖ и Манчестер Сити кои се во сопственоста на милијардери од Средниот Исток, најдоа начини како да ги заобиколат овие правила.

„Светците“ изминатово лето искешираа 222 милиони евра за Нејмар, а го договорија и Килијан Мбапе за кого треба да одвојат 180 милиони евра.

„Граѓаните“ изминатово лето трошеа како никогаш претходно, па неколку гиганти од Европа (Барселона, Реал Мадрид, Баерн Минхен и Јувентус) се пожалија кај УЕФА.

Според Ла Паризиен, европската куќа на фудбалот по крајот на сезоната сака да воспостави нови финасиски правила. Веќе има нацрт проект наречен Финансиски фер плеј 2.0 кој се состои на 100 страни.

Според новиот проект, УЕФА планира да го ограничи трошењето на клубовите, односно настапот на трансфер пазарот да биде балансиран. Разликата помеѓу сумата платена за нови играчи, и сумата добиена од продажба на играчи нема да може да биде поголема од 100 милиони евра.

Па ако некој клуб сака да потроши 300 милиони евра на засилувања, ќе треба да прибере најмалку 200 милиони од фудбалери кои ќе си заминат.

Со оваа мерка би се ограничиле клубовите кои се спонзориарни од држави, како ПСЖ и Манчестер Сити, чиј Шеици не штедат пари во потрагата по успех.