24фудбал

Вардар не успеа да дојде до целиот плен од Тетово, големото дерби заврши нерешено

Вардар и Шкендија одиграа одличен дерби натпревар исполнет со офанзивен фудбал и многу шанси кој заврши нерешено 1-1.

Македонија

И двете екипи ги посакуваа трите бода, Шкендија за да дојде чекор поблиску до титулата, Вардар за да ги врати надежите дека сепак може да се стигне големата бодовна предност на противникот.

Шкендија создаде повеќе можности за гол, имаше повеќе напади кон голот на Гачевски, но и Вардарци периодично се закануваа и знаеја да го размрдаат Захов.

На почетокот Гачевски имаше три одбрани во иста акција отакако му фати две топки на Радески и една на Жуниор. Вардар во воведниот дел се закани со два удари на Филипе од далечина.

Огромна шанса за Вардар во 22. минута пропушти Попзлатанов кој по асистенција од Барсегјан се најде сам пред голот на Захов, но голманот на Шкендија беше поуспешен. Првото полувреме заврши со шанси на Ибраими и Хасани кои ги скроти голманот на Вардар.

На почетокот од вториот дел Барсегјан имаше иста прилика како Попзлатанов, излезе сам пред Захов кој го одбрани неговиот удар. Потоа следуваа серија шанси на Шкендија, но ниту таа не успеваше да даде гол.

Резултатот конечно беше отворен во 78. минута кога по нафрлување од корнер на Фелипе, Новак со глава го проигра Грнчаров кој исто така со глава реализираше за водство на Вардар од 1-0.

По примениот гол Шкендија уште толку ја појача офанзивата, а таквата игра вроди со плод во 85. минута кога Ибраими од шеснаесетникот шутираше прецизно и го совлада Гачевски за конечни 1-1.

По 19 кола разликата помеѓу Шкендија и Вардар останува осум бода. Во наредното коло Шкендија му гостува на Шкупи, а Вардар ја пречекува Победа.

Во пелагониското дерби денеска Победа и Пелистер ги поделија бодовите играјќи нерешено 1-1. Двата погодоци беа многу рано постигнати. Со гол на Маневски во деветата минута Пелистер дојде во водство од 1-0, Даноски само две минути подоцна го изедначи резултатот.

Шкупи со 5-2 го совлада тимот на Академија Пандев и се искачи на четвртата позиција на табелата. Баже Илијоски имаше фантастично деби со хет-трик кој го реализираше за само 16 минути. Останатите два гола за Шкупи беа дело на Јашаровски и Стојкоски, а погодоците за Академија Пандев ги постигнаа Стоилов и Грифони.

Немаше голови на дуелот помеѓу Работнички и Ренова. Немаше услови за одигрување на мечот Силекс - Скопје кој е одложен.

Фото: ФК Вардар