24фудбал

Постојат три веројатни причини за гестикулацијата на Роналдо во вториот гол против ПСЖ

Португалецот гестикулираше на пари, па остана дилемата до кого е упатена таа порака.

Шпанија

Големо внимание во Шпанија предизвика гестикулацијата која ја направи Кристиано Роналдо во својот втор гол против ПСЖ во Лигата на шампионите во победата од 3-1 на Реал Мадрид.

Роналдо во 83. минута од средбата на „Сантијаго Бернабеу“ погоди за пресврт од 2-1, а при прославата на голот имаше една чудна гестикулација која донесе три верзии зошто била таква.

Првата верзија е дека тој гестикулирал на тоа дека парите кои ги вложува ПСЖ не се доволни за да го победи Реал Мадрид, но сепак оваа верзија би можела да отпадне од причина што Португалецот речиси никогаш не се обраќал на противник на ваков начин.

Втората верзија е тоа дека им испратил порака на фановите на Реал Мадрид кои го критикуваат дека мисли само на парите па токму затоа има лоша сезона зад себе.

Но, се чини дека Роналдо пораката ја упати кон ложата на „Сантијаго Бернабеу“ во која се наоѓаше првиот човек на Реал Мадрид, Флорентино Перез.

Оваа последната теорија најверојатно го потсети Перез на неисполнетото ветување по освојувањето на Лигата на шампионите, како и Примера ланската сезона, дека платата на Португалецот ќе се зголеми, односно ќе биде приближно на Лионел Меси.

Познато е дека Роналдо заработува годишно 23 милиони евра, но бара 30 милиони евра на годишен план.